Каракачанов е гласникот за Македонија, а Борисов дипломатот пред Брисел?!

Скопје и Софија го обновуваат дијалогот во пресрет на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес. Премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов, изминатиот викенд разговарале телефонски, а пред 10 ноември е планирано да се сретнат и во Софија. За разлика од острите пораки што ги испрати вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој изјави дека доколку историчарите не испорачаат резултати, Македонија нема да добие поддршка од Бугарија за почеток на пристапните преговори со ЕУ, Борисов со благи тонови порачал дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Македонија. Ваквата неусогласеност кај бугарските власти остава простор за дилема во однос на вистинските намери кај источниот сосед и за тоа дали Каракачанов е гласникот, а Борисов дипломатски го „пегла” пријателството и добрососедството, особено по пораките од Брисел и Берлин дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување.

245
Покрај ангажманот на политичарите, по речиси една година застој, и историчарите од двете земји влегуваат во нов обид да најдат решение за спорните прашања. Мешовитата историска комисија продолжува со работа на 15 и на 16 октомври во Скопје. Во пресрет на средбата, копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев, вели дека за македонската страна останува неприфатливо барањето на Бугарија Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин.

Македонија и Бугарија го обновуваат дијалогот во пресрет на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес. Премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов, изминатиот викенд разговарале телефонски, меѓу другото и за организација на скорешна посета на Заев на Бугарија, како и за охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни. За разлика од острите пораки што Софија ги испрати преку вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој изјави дека Бугарија нема да се спротивстави, но ќе каже дека не е време да се закаже датум за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, Борисов со благи тонови порачал дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Македонија. Ваквата неусогласеност кај бугарските власти остава простор за дилема во однос на вистинските намери кај источниот сосед и за тоа дали Каракачанов е гласникот, а Борисов дипломатски го „пегла” пријателството и добрососедството, особено по пораките од Брисел и Берлин дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување.

– Во фокусот на разговорот беше Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање, кое е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ, како и подготовките за претстојниот главен самит, кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија. Премиерот Борисов истакна дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, при што заедно со премиерот Заев изразија увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, соопштија од кабинетот на Заев.

Покрај ангажманот на политичарите, по речиси една година застој, и историчарите од двете земји влегуваат во нов обид да најдат решение за спорните прашања. Иако се очекуваше дека историчарите ќе ги вкрстат аргументите на крајот на овој или почетокот на идниот месец, според најавите, мешовитата историска комисија продолжува со работа на 15 и на 16 октомври во Скопје. На овој состанок ќе се бара заеднички јазик за Гоце Делчев и за средновековната историја и како таа ќе биде претставена во македонските учебници во основното училиште.

Во пресрет на новата средба на Мешовитата комисија за историски прашања, копретседателот на македонскиот тим во Мешовитата комисијата за историски прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев вели дека барањето на Бугарија Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин, за македонската страна останува неприфатливо.

Во решавањето на вакви конфликтни ситуации ако го земеме европското искуство, секогаш за нерешени прашања се води дијалог. За многу конфликтни ситуации дијалогот е единствено решение. Ние ќе продолжиме со дијалог за Гоце Делчев. Меѓутоа во тој дијалог секогаш треба да се бара решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Прифатливо решение значи во кое ќе нема победник, односно, двете страни ќе бидат задоволни од решението. Прифаќањето на еднострано решение за Гоце Делчев, дали тој да биде Бугарин или Македонец не е решение во овој спор, вели Ѓоргиев во интервју за Телма.

За да има решение, Ѓоргиев се повикува на европското искуство и примена на алатката на мултиперспективност, односно кога се земаат во предвид видувањата на двете страни. Македонските историчари дале ваков предлог на охридската средба во октомври лани, но бугарската страна го одбила. Во однос на бугарскиот објаснувачки меморандум во кој се негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик пред 1944 година, Ѓоргиев е дециден дека нациите не се создаваат со декрет.

– Нациите не се создаваат со декрет, ниту нациите може да ги создаде едно лице, едно тело со одлука. Создавањето на нациите е долготраен и многу сложен и комплексен процес. И од тука тврдењето дека македонската нација е создадена со декрет во 1944 година нема апсолутно никаква научна основа, вели Ѓорѓиев.

Сериозните разлики, особено околу македонскиот револуционер Делчев пред скоро една година ја закочија работата на Комисијата. Софија инсистира прашањето да се затвори со заклучок дека Гоце бил Бугарин, додека македонските историчари и власти изминатиот период порачуваат дека не може да има решение ако се инсистира на овој став. Премиерот Заев минатата недела изјави дека Делчев е Македонец, но факт е и дека Бугарите го сметаат за Бугарин. Заев порача дека во историските личности треба да гледаме можност за зближување и истакна дека ние го имаме Делчево, град што го носи името на револуционерот, Бугарите го имаат градот Гоце Делчев, а негови споменици има насекаде.

Официјална Софија преку Каракачанов се закани дека доколку Комисијата не испорача резултати, Македонија нема да добие поддршка од Бугарија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. На оваа тема ќе разговараат и премиерите на двете земји на средбата која треба да се случи во Софија до 10 ноември.

Со бугарскиот меморандум се бара во преговарачката рамка на ЕУ со Македонија да влезат и прашањата за националноста на Гоце Делчев, македонскиот јазик и малцинствата. Земјата претседавач со Унијата, Германија преку амбасадорката во земјава, Анке Холштајн, порача дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на Европската Унија, туку тие треба да се решаваат билатерално. Холштајн истакна дека во интерес на нашиот источен сосед е да не го блокира проширувањето на ЕУ.