Каракачанов: Бугарија не признава Македонци, Ескими и Марсовци

227

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов демантираше дека има проблеми со правата на „т.н. македонско малцинство во Бугарија“ во интервју за Канал5.

– „Станува збор за организација наречена ОМО „Илинден Пирин“. Во Бугарија само една група луѓе зборуваат за овие прашања. Но фактите се јавни: ОМО Илинден Пирин беше формирана како организација на југословенската амбасада во 90-тите години, кога Југославија се уште постоеше. Извинете, но нема како Бугарија да признае таква организација која странска земја … “, вели Каракачанов.

Вели на пописот во Бугарија имало и марсовци па не ги признале.

– „Погледни го последниот попис во Бугарија, има такви кои рекоа дека се марсовци, ескими … Тие се неколку илјади. Што значи да ги признаеме и нив ли? Досега зборувавме дека до 1944 нема посебна македонска нација. За какво македонското малцинство во Бугарија да зборуваме откако во Југославија се создаде македонски национален идентитет?“, вели Каракачанов.

На забелешката на новинарот дека Македонците во Бугарија немаат право да учат на македонски јазик, Каракачанов одговори:

„Кој македонски јазик да се учи? Каков македонски јазик да учат во Пиринска Македонија или Бугарија? Овој јазик во Бугарија никогаш не се зборува, не се користи. Тоа е еден јазик, кој е создаден тука (во Македонија). Ако некој сака да го научи, тој може да го научи како англиски, германски, француски – Факултативен како другите јазици. Вклучувајќи и турски не се изучува задолжително, при тоа пак ќе кажам, имаме 500 000 Турци“, рече тој.