Капацитетите на интензивна нега во Словенија се преполни

63

Учеството на позитивни резултати во вкупниот број на тестирани примероци во Словенија за прв пат надмина 19 проценти, откако вирусот беше потврден во 726 случаи од 3.765 тестови, пренесува СТА.

Ова значи дека бројот на активни случаи на ковид-19 во Словенија во моментов е 6.651, додека вирусот е потврден кај 13.151 лице од почетокот на пандемијата.

Во претходните 24 часа, уште три лица починаа како резултат на ковид-19 во Словенија, со што вкупниот број на смртни случаи од оваа болест се зголеми на 187.

Во денешната објава на Фејсбук, Јанез Поклулар, директор на најголемата словенечка здравствена установа, љубљанскиот Универзитетски клинички центар (УКЦ), каде се лекуваат најголем број пациенти и каде што практично се пополнети капацитетите на одделот за интензивна нега, се обрати до јавноста.

– Во следните недели ќе доживееме нешто што нашата генерација сè уште не го доживеала и за кое никој не можел да се подготви. За две до три недели ќе имаме ситуација полна со невозможни пречки – напиша Поклукар, апелирајќи на разбирање и солидарност во придржувањето кон епидемиолошките мерки, за да можат болниците да го издржат притисокот врз здравствениот систем.

– Здравствените работници ќе можат да помогнат само ако им помогне целата заедница – изјави Поклукар.