Канцеларот Курц нема маневарски простор: Угледот на владата е нарушен, следуваат избори

По досега невидениот политички земјотрес во Австрија, претседателот Ван дер Белен изјави дека со однесувањето на поедини членови на австриската влада е загубена довербата во институциите и извалкан е угледот на Австрија, поради што предвремени избори се неизбежни

157

Австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе во саботата поднесе оставка на функцијата, откако претходно беше објавена видео снимката на која се гледа како тој за бизнис услуга бара финансиски надомест од девојка која се претставува како внука на руски олигарх.

Како што јави ДПА, Штрахе по средбата со австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека на првиот човек на Владата му ја предал својата оставка, во обид да ја спаси коалицијата меѓу неговата екстремно десничарска Слободарска партија на Австрија (ФПО) и конзервативна Австриска народна партија (ОВП) на Курц.

Иако Штрахе инсистира на тоа дека не прекршил никаков закон, тој призна дека е „крајно засрамен“ од снимката што ја објави германскиот магазин „Шпигел“, на која се појавуваат Штрахе и потпретседателот на ФПО, Јохан Гуденус, во пијана состојба во разговор со наводната внука на руски олигарх, која тврди дека сака да купи удел во виенскиот весник „Кронен Цајтунг“.

Видеото насловено „Дали може да се купи австрискиот вицеканцелар“, го снимиле новинари на „Шпигел“, кои во соработка со колеги од „Зидојче Цајтунг“, му го наместиле целиот случај на Штрахе.

Штрахе им се извини на неговата сопруга и на поддржувачите за, како што го рече, „мачо однесувањето под дејство на алкохол, со цел да се импресионира атрактивна жена“.

– Се однесував како тинејџер, додаде Штрахе, кој нагласи дека објавувањето на снимката претставува „таргетиран политички напад“ изведен од страна на „криминални мрежи“.

Инаку, на видео снимката, направена на 24 јули 2017 година на шпанскиот остров Ибица, наводната внука на рускиот олигарх вели дека сака да инвестира 250 милиони евра во Австрија и тоа не преку банка и по легален пат, при што во неколку наврати напоменува дека станува збор за „илегални пари“. Штрахе и Гуденус и ветуваат дека ќе и помогнат во инвестирањето, доколку финансиски ја поддржи нивната ФПО. Снимката е направена во пресрет на ланските парламентарни избори во Австрија.

Штрахе дури и објаснува на девојката дека парите не треба директно да и ги даде на партијата, туку преку едно здружение, напомнувајќи дека истото го правеле и други партиски поддржувачи, споменувајќи ги тука сопственикот на компанијата „Глок“, Гастон Глок, фирмата „Новоматик“ и олигархот Рене Бенко. Споменатите во меѓу време ги демантираа тврдењата на Штрахе.

После вицеканцеларот и лидерот на Слободарската партија на Австрија (ФПО) Хајнц Кристијан-Штрахе, и потпретседателот на оваа десничарска партија и шеф на нејзиниот пратенички клуб Јохан Гуденус поднесе оставка на сите политички функции.

Видеото доаѓа на една недела пред изборите за Европскиот парламент, што може да и нанесе сериозна штета на ФПО. Покрај ова, Штрахе и Гуденус може да имаат и правни последици и да се соочат со обвиненија.

Штрахе поднесе оставка и на местото лидер на партијата. На средбата со Курц, Штрахе му пренел дека ФПО сака да ја продолжи коалициската соработка со ОВП на канцеларот, со тоа што на нејзино чело наместо него би застанал актуелниот партиски потпретседател и австриски министер за инфраструктура и сообраќај Норберт Хофер.

Хофер на ланските претседателски избори во Австрија беше кандидат на ФПО и оствари забележителен резултат, пласирајќи се во вториот круг, каде беше поразен со мала разлика од актуелниот австриски претседател Александер Ван дер Белен.

По досега невидениот политички земјотрес во Австрија, претседателот Ван дер Белен изјави дека со однесувањето на поедини членови на австриската влада е загубена довербата во институциите и извалкан е угледот на Австрија, поради што предвремени избори се неизбежни.

Ван дер Белен во, за него, многу остар говор пред новинарите, рече дека сликите кои од пред некој ден можат да се видат во Австрија ја покажале лошата страна на однесувањето која не соодветствува ниту со земјата, ниту со граѓаните.

– Тоа се срамни слики, а никој во Австрија не смее да се срами. Не сме такви, Австрија не е таква. Она што покажуваат тие слики е дрско непочитување на граѓаните. Функционери на Републиката ја злоупотребиле довербата на граѓаните, а тоа не го толерирам нагласи австрискиот претседател.

И австрискиот канцелар Себастијан Курц претходно и соопшти на јавноста дека на претседателот на Австрија ќе му предложи да распише предвремени избори во најбрз рок. Курц на прес-конференција рече дека имал повеќе можности, но одлучил да му предложи на претседателот да распише предвремени избори.

– Можев лесно да се одржам на власт со смена на луѓе во Владата и да се правам дека ништо не се случило или да извршам летечка промена воведувајќи ја Социјалдемократската партија (СПО) и повторно да добиеме ист застој во функционирањето на Владата, нешто што го критикував со години и што не и треба на нашата земја. За мене лично тоа не би бил исправен пат, затоа што влегов во политика не за да заземам некоја функција, туку да направам нешто за земјата и граѓаните, објасни Курц.