Канадскиот премиер избегна директно да го критикува Трамп

53

Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска избегна директно да го критикува американскиот претседател Доналд Трамп за неговата реакција на протестите во САД.

Тој рече дека Канаѓаните се „запрепастени и со ужас“ гледаат што се случува во Америка.

На прашањето да ја коментира наредбата на американскиот претседател за употреба на воена сила и солзавец против демонстрантите за да одржи фотосесија со медиумите, Трудо, кој инаку е познат по брзите одговори, молчеше 21 секунда, јавуваат светските агенции.

По долгата пауза, канадскиот премиер одговори со избегнување на директно споменување на Трамп.

– Сите со запрепастеност и ужас гледаме што се случува во САД. Време е луѓето да се обединат, одговори Трудо.

– Јасно е дека Трудо не очекуваше вакво прашање. Мислам дека размислуваше дали воопшто да одговори, но неговиот одговор всушност беше критика на Трамп без да го спомне Трамп, изјави Нелсон Вајсман, професор по политички науки на Универзитетот во Торонто.

Извор:МИА