Камчев ги доставил снимките до JO пред да излезат во јавност

98

Снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла верита“ за случајот „Рекет“, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги поседувало уште пред тие да се појават во јавност. Снимките ги доставил бизнисменот Орце Камчев, кој е сведок во случајот. Сè уште не се знае како тие завршиле во „Ла верита“, а од обвинителството соопштија дека снимките не излегле од кај нив. Дали тие ќе се користат како доказ ќе биде познато кога ќе биде покренато обвинение за случајот, пренесува Радио Слободна Европа.

Според обвинителството Судскиот совет одлучува за снимките.„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција располага и секојдневно прибира доказни материјали за предметот „Рекет“ што во понатамошниот тек на постапката ќе бидат приложени како докази во евентуалната судска постапка. Судскиот совет има право да ги прифати или да не ги прифати приложените докази“, се наведува во одговорот од Обвинителството.