Кампања „Стави појас“ во Куманово

25
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, СВР Куманово и општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, денеска на регионалниот пат Куманово-Липково одржаа превентивна акција во рамки на кампањата „Стави појас“.

Претставници од овие институции поделија летоци, освежувачи и маици за најодговорните возачи кои имаа појас.

Ристо Манчев од РСБСП рече дека целта е да се подигне јавната свест и кај возачите и кај сопатниците од важноста од користењето на појасот и најави дека и во иднина ќе се организираат сообраќајно-едукативни активности, со кои ќе се укаже дека законската обврска е значајна пред сè за нивна безбедност.

Истражувањата покажуваат дека само околу 50 проценти од возачите користат сигурносни појаси, а помал е процентот на патници. Во споредба, истражувањата покажуваат дека во земјите од ЕУ процентот на користење на сигурносен појас е 90 проценти кај возачите и 70 проценти кај патниците. Според статистичките податоци, само лани животот го загубиле 125 лица во сообраќајни несреќи. Ваквата бројка би била далеку помала доколку процентот на користење на појасот од страна на патниците и возачите би бил повисок, рече Манчев.

Законот предвидува парична санкција во вредност од 40 евра за некористење појас, а за патниците е 50 евра во денарска противрденост, без разлика дали се патува во населено место или на отворени патишта.

Виолета Богдановска од отсек за превенција СВР Куманово истакна дека месец дена се спроведува кампањата, укажувајќи дека појасот е особено значаен при нагло запирање.

-Првпат кога почнавме со акцијата општ заклучок беше дека 20 проценти од возачите и патниците ставаат појас, но по месец дена од кампањата се гледа дека свеста кај добар дел од возачите, сопатниците веќе е на повисо ниво и сега може да се види дека повеќе од 60 проценти користат појас, изјави Богдановска.

Таа апелираше секаде и секогаш да се става појас.

РСБСП и МВР спроведуваат кампања за едукација на децата за основни правила и прописи во сообраќајот. Манчев истакна дека според статистичките податоци годишно во државата десетина деца го губат животот во сообраќајни незгоди, а според СЗО на светско ниво, дневно 500 деца го губат животот во сообраќајни несреќи и е една од водечки причина за смртност кај децата. За таа цел, изработени се видео материјали кои се дистрибуираат по основните училишта.

Извор: МИА