Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, во соработка со општинските основни училишта, „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“, детската градинка „Весели цветови“ и полициската станица од Делчево, започна со спроведување на сообраќајно превентивната акција „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Акцијата, како што информираше Николинка Петровска-Мавродиева, претседател на Општинскиот совет за безбедност на патниот сообраќај, е дел од годишната програма за работа на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
– Цел на оваа акција е запознавање на првачињата и децата од претшколска возраст со основните правила и прописи во сообраќајот и сообраќајната сигнализација, преку едукативни предавања со презентација на сообраќајниот буквар и одржување на нагледни предавања на улица со сообраќајната полиција, истакна Петровска-Мавродиева.
Таа додаде дека во рамки на првите предавања, учествувале 35 деца од претшколска возраст и 29 првачиња, а планирано е со акцијата да бидат опфатени вкупно 194 деца.
– Оваа акција е поддржана и од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој за дечињата обезбеди боенки, сообраќајни лектири и банери-потенцираше Петровска-Мавродиева.
Освен предвидените акции за подигнување на јавната свест од возачите кон пешаците, во наредниот период, како што додадоа од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, ќе се реализираат и други воспитни манифестации и сообраќајни кампањи.