Се слушна гласот на граѓанските организации, бизнис заедницата и други институции, а се вршеше и едукација на децата од градинките и учениците со акцент на селектирање на отпад и заштита на животната средина.

Во текот на изминатава недела, кампањата ,,Чиста Преспа, Моја Преспа”, продолжи со најавените активности. Откако на плажата Претор на 5-ти јуни започна кампањата, веќе на седми јуни во просториите на Општина Ресен, градоначалникот Живко Гошaрeвски, одржа состаноци со сите инволвирани страни.

На овие состаноци присуствуваа над 50 субјекти од различни сектори. Во акцијата активно се вклучија бизнис секторот, невладините организации, граѓаните, образовните институции, спортските друштва и многу други.

На состаноците беа дадени голем број предлози и идеи, а целата кампања доби огромна поддршка.

Ден потоа, односно на осми јуни во училиштата ,,Димитар Влахов” од село Љубојно и ,,Славејко Арсов”, едукаторите, Даниела Заец од Македонското еколошко друштво и Марија Евтимовска од Еко герила Преспа, започнаа едукација на учениците со акцент на селектирање на отпад, заштита на животните, децата научија што е компостирање, се зборуваше и за ефектот на стаклената градина, а не беше заборавено и прашањето, како сите заедно да престанеме да ги користиме пластичните кеси.

Следниот ден, едукаторите со учениците од ,,Браќа Миладиновци” од Царев Двор, ,,Мите Богоевски” и ,,Гоце Делчев” од Ресен, ја повторија и научија еколошката лекција за чиста петка, а ги исчистија и училишните дворови за чиста десетка.

Десети јуни беше резервиран за активности со едуцирање и кај најмалите деца во градинките, а компанијата Чокомил се вклучи со акција за расчистување на еден дел од Преспа.

Акцијата ,,Чиста Преспа, Моја Преспа” во текот на еден месец има за цел да расчисти голем број нови депонии во реонот на Преспа, но и да го едуцира населението, започнувајќи секако од најмладите. Во оваа кампања се вклучија и голем број јавни личности, како Ирена Спировска, Марјана Станојковска, Татјана Алексиќ, Таско, Бомбакис, Бојан Велевски и многу други, а за амбасадори на кампањата се назначени актерите, Игор Ангелов и Владимир Тулиев.

,,Ајде заедно да ја направиме Преспа почиста, поубава и позелена” е нивниот слоган, за наредната недела се планирани активности на кои со тешка механизација ќе се расчистуваат диви депонии, но и еколошки акции од граѓани и компании во центарот на Ресен.