Трагични вести пристигнаа од Италија, 52-годишниот велосипедист Давиде Ребелин го загубил животот откако во него удрил камион. Докторите се обиделе, но не успеале да му го спасат животот, пренесуваат италијанските медиуми.

На Олимписките игри во Пекинг во 2008 година Ребелин успеа да стигне до подиумот, но подоцна медалот му беше одземен поради допинг-скандал. Поради скандалот тој беше и суспендиран, по суспензијата се врати на спортот.

Кариерата на Ребелин траеше три децении, а се пензионира на почетокот на оваа година. По трагичната вест се огласи и шефот на „Тур де Франс“, Кристијан Прудом.

„Ова е бескрајно тажен ден за сите оние кои го сакаат велосипедизмот“, кратко изјави Прудом.

Во неговата успешна кариера успеа да оствари 61 победа. Во овој момент не се познати многу детали за несреќата, надлежните органи го истражуваат случајот. Првичните информации се дека камионот продолжил да вози откако го удрил.