Калиопи ова лето на фестивалите во Нови Сад и во Птуј – на „Сплитскиот 2022“ нема да пее!

128

Иако ова лето македонската поп-кралица, Калиопи, нема да се натпреварува во Сплит на добро познатиот „Сплитски фестивал на забавни мелодии“ (на кој многу години пред годинашниот го испеа хитот „Да море зна“), сепак, таа ќе си ја зачува фестивалската традиција. Летната фестивалска сезона во која се вклучени нејзините солистички концерти, Калиопи ќе ја стартува на познатата Фрушка Гора покрај Нови Сад, во Србија. Поточно, веќе на 3 јуни ќе настапи на првото издание на фестивалот „Фрушкогорска Вила“, на кој ќе настапат и некои од европските ѕвезди во уметноста. Овој фестивал е, инаку, дел од програмата на градот Нови Сад како Европска престолнина на културата. Калиопи ќе има своја вечер, свој настап во рамките на кој ќе ги исполни сите свои најголеми хитови, со неизбежниот „О бато, бато… хтјела сам летјети, крила су ми узели“.

– По пауза од две години поради короната, вистински се веселам што пак ќе се видам со мојата верна публика. Пеењето во живо, кое е единственото нешто што го признавам кај секој вистински уметник, и овој пат ќе ми биде голем предизвик и радост. Ние ќе го отворимо нашиот “Кофер на љубовта“а, вие не заборавајте да дојдете во Нови Сад, вели летно разубавената Калиопи.

И тоа не е сè. Наредниот потврден настап Калиопи ќе го има во Словенија. На 28 јули, на фестивалот „Арсана“ во словенечкиот град Птуј. Ќе има заеднички концерт и тоа не со кого било, туку со музичарот Един Карамазов. Еден од најдобрите изведувачи на жичени инструменти. Уште отсега се коментира во словенечките медиуми дека тоа ќе биде вистинско музичко уживање за секој оној што ќе дојде на овој концерт. Особено затоа што ова не им е прв заеднички настап на Калиопи и Един. Веќе се уиграни и се како музичка двојка, обожавани од публиката. Организаторите напоменуваат дека интересот за нивниот настап е огромен, па постои можност тие да одржат уште еден концерт во градот Птуј.   (Д.Миќиќ)