Калабалак во автобусот со број 31, патниците носеле маски, но се туткале еден до друг

1885

Од денеска повторно функционира бесплатниот превоз за пензионерите. Можеше да се забележи поголема раздвиженост и на улиците низ градот, но и во градскиот превоз, а на некои линии дури и турканици во автобусите.

Читател на весникот ВЕЧЕР, кој се јави во редакцијата, посочи дека во автобусот кој сообраќа на линијата број 31 од Долно Лисиче до Транспортниот центар, денеска бил вистински калабалак. Тој бил полн и, иако сите носеле маски, не се почитувала задолжителната физичка дистанца.

Луѓето седеа еден до друг на седиштата, а над нив стоеја други патници. Немаше каде игла да падне, а по пат се качуваа луѓе и од Драчево и од Пинтија –се пожали читателот.

Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) за конкретниот случај велат дека веројатно бил изолиран, со оглед на тоа дека, како што потенцираат оттаму, на сите линии на кои во изминатиов период биле забележани поголеми гужви биле пуштени дополнителен број возила.

– Соодветната служба ќе го провери случајот и по потреба ќе реагира како во иднина би се избегнала таква ситуација – децидни се од ЈСП.

Оттаму објаснуваат дека веќе еден месец, во речиси секое возило има ангажирано лице на влез во возилото кое го регулира бројот на патници, односно има обврска да го одржува оптималниот број на патници согласно соодветната уредба. Притоа, се дозволува возилата да бидат исполнети со 50 проценти од вкупниот капацитет на возилото за да се одржува неопходната физичка дистанца.

Од претпријатието потенцираа дека сѐ уште се утврдува начинот на одржување на физичка дистанца и преку друга форма, а до тогаш, оптималниот број на патници ќе биде регулиран од страна на лицата кои сега тоа го прават на влез/излез на возилото.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска изјави дека ќе се постапува според препораките на Комисијата за заразни болести доколку биде побарано повторно укинување на бесплатниот јавен превоз.

– Уставниот суд за поништи одлуката за ограничување на движењето на возрасните лица и од тогаш имаме ваква слика во јавниот превоз. Ќе бидеме во контакт со Комисијата за заразни болести за понатамошни мерки кои ќе се преземат. Бројките на нови случаи за жал растат од две причини. Се создаде атмосфера дека вирусот е поминат и второ поради несреќните изјави на министерот за внатрешни работи и непостапувањето на полицијата. Ме загрижуваат сликите кои што ги видов вчера од отворените кафеани. Непочитувањето на протоколите ќе нè врати назад. Апелирам граѓаните да се придржуваат до мерките, не постои лекар што може да ве заштити од заразата, ако вие сами не се чувате од заразата – рече Шилегов.

(А.П.)