На централната прослава на празникот 11 Октомври, во Куманово, се случи нов преседан, при изведбата на химната на партизанското движење во Македонија „А бре Македонче“. Имено, стихот во кој се споменуваат „клетите фашисти“ од страна на хорот беше испеан како „душманите клети“. Кој и по чија директива ги менува текстовите на македонските песни кои со децении се пеат, чии текстови народот ги прифаќа како свои и кои веќе се дел од македонскиот народен идентитет? Од Македонската опера и балет се правдаат дека не постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна, со политичка заднина. Едноставно, работеле на текст од седумдесетите години. Претседателот на Друштвото на писателите на Македонијан, Христо Петрески, за весникот ВЕЧЕР изјави дека е против менување на оригиналите и правење на импровизации. „Треба да се почитува авторството и да се почитува естетската димензија, а не дневнополитичката.  Секоја импровизација е несириозна и јас сум против какви било импровизации и произволности“, вели Петрески и додава дека наместо менување на текстот, едноставно можело да се избере друга песна.

 

Кој и по чија директива ги менува текстовите на македонските песни кои со децении се пеат, чии текстови народот ги прифаќа како свои и кои веќе се дел од македонскиот народен идентитет? Како и неколкупати досега, кога беше во прашање изведбата на македонската химна, каде што случајно или не, се прескокнуваа цели строфи и на централната прослава на празникот 11 Октомври – Денот на македонското народноослободително востание, која се одржа во Куманово се случи нов преседан. Имено, при изведбата на химната на партизанското движење во Македонија „А бре Македонче“, стихот во кој се споменуваат „клетите фашисти“ од страна на хорот беше испеан како „душманите клети“. Ова предизвика бурна реакција кај присутните, но и во јавноста, која сакаше да знае дали се работи за нова цензура од страна на Владата со која сака да ѝ се „додвори“ на Бугарија?!

Всушност, пред Спомен-костурницата, хорот по македонската химна, изведе и неколку песни од периодот на НOБ, меѓу кои и „А бре Македонче“.Песната е напишана од Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а ја компонирал Ордан Михајлоски – Оцка.

Наместо „Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине!“, стихот беше испеан со нова верзија која гласеше „нека разберат, душманите клети, македонско име нема да загине“.

Од општина Куманово велат дека немаат ингеренции за настапот на хорот со оглед дека се работи за настан организиран од страна на Владата на кој тие, како што изјавија, биле „гости“. Од друга страна, пак, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски преку својот фејсбук-статус реагираше на изведбата и напиша „Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине! Така ја учевме ние оваа песна, а нашите предци на кои денеска, на 11 Октомври им се поклонуваме рамо до рамо, со светската антифашистичка коалиција се бореа против нив и се изборија за ова денеска што го имаме – држава, идентитет, јазик, сопствена култура, живот, соживот, Македонија…

Од Македонската опера и балет, чиј хор беше ангажиран на централната прослава во Куманово и кој ја изведе „спорната“ песна, пак, велат дека не постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна, со политичка заднина. Едноставно, работеле на текст од седумдесетите години.

„На настанот е користен автентичен аранжман, чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизација на аранжманот, според нашите сознанија, е правен во доцните седумдесетти односно рани осумдесетти“, велат од МОБ од каде до весникот ни доставија и принт скрин од партитурата.

Иако ова не е прв случај да се менува или изостава дел од зборовите па и цел стих, како што беше двапати претходно при изведба на химната, за конкретниов случај на менување на зборовите на оригиналните песни побаравме мислење и од претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Христо Петрески. Тој за весникот ВЕЧЕР изјави дека е против менување на оригиналите и правење на импровизации.

„ Моето мислење како писател е дека во принцип треба да се почитува оригиналната верзија, за кое било дело. Многу често се случува да циркулираат повеќе верзии и тоа особено кај песните, што и лично сум забележал. Некогаш и тоа не е толку лошо ако се направи подобра верзија. Многу е лошо ако тоа се приспособува на некоја актуелна ситуација, затоа што тогаш ќе има бесконечно многу менувања. Тоа не е коректно. Во случајов, сите адаптации што се прават треба да бидат во естетска функција, а не во дневнополитичка конотација. Треба да се почитува авторството и да се почитува естетската димензија, а не дневнополитичката.  Затоа не мораше да се изведе таа песна. Ние имаме и други песни. Доколку предизвикува омраза, конфликт и револт, национален или меѓународен треба да се одбегне. Но, тој што сменил немал право да менува, туку подобро воопшто да не ја извел таа песна“, вели за весникот ВЕЧЕР, Петрески. (Д.Т.)