Пратеничката Ангелина Петкова од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во вторникот, 22 ноември, годинава, во детската градинка „Цветови“, во Гевгелија, се случи брутален инцидент, по што 10-месечно бебе заврши во општата болница во Гевгелија со тешки телесни повреди и хематом на главата. Според директорката на градинката Елизабета Стефановска се работи за повреда при детска игра, а не за физичко насилство. Директорот на гевгелиската болница д-р Митко Крџов,  за весникот ВЕЧЕР, посочи дека  детето е прегледано во гевгелиската болница при што се констатирани лесни телесни повреди, не е хоспитализирано, пуштено е дома со совет и без терапија. Министерството за труд и социјална политика утре ќе се направи вонредна контрола во гевгелиската градинка

 

 

Во вторникот, 22 ноември годинава, во детската градинка „Цветови“, во Гевгелија, се случи брутален инцидент, а 10-месечно бебе заврши во општата болница во Гевгелија со тешки телесни повреди и хематом на главата, обелодени вчера пратеничката Ангелина Петкова од ВМРО-ДПМНЕ и кажа дека директорката на градинката Елизабета Стефановска, која е поставена на оваа функција од министерката Јована Тренчовска, молчи и го крие инцидентот.

-Директорката на градинката се обиде да го прикрие скандалот, наместо да, преземе дејствија за санкционирање и да го пријави случајот во полициската станица во Гевгелија. Случајот во Полиција го пријавува родителот на бебето ден потоа. Актуелната директорка  на градинката е кадар на Социјалдемократскиот сојуз. И покрај големиот број на пропусти во работењето министерката Јована Тренчовска му ги одзема ингеренциите за детските градинки на територија на општина Гевгелија на градоначалникот Андон Сарамандов – вели Петкова.

Весникот ВЕЧЕР ја побара директорката на градинката Елизабета  Стефановска, која потврди дека е запознаена со случајот и дека се работи за повреда при детска игра,а не за насилство.

-Детето е повредено при детска игра, не станува збор за физичко насилство, како што е пренесено во јавноста на пресот на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорно тврдам дека повредата е настаната при детска игра, тие се мали дечиња кои се нестабилни кога одат и се случило во моментот кога две дечиња кои држејќи се за рака се потчукнале и при паѓање го повредуваат малото детенце. За среќа кај детето нема телесни повреди или хематом, за што потврдува и лекарскиот наод – вели за весникот ВЕЧЕР, Стефановска, и дополни дека за случајот е информирано и надлежното министерство.

Министерството за труд и социјална политика, утре, ќе се направи вонредна контрола во  гевгелиската градинка.

За случајот го прашавме и директорот на гевгелиската болница д-р Митко Крџов,  кој  за весникот ВЕЧЕР го прочита извештајот на дежурниот лекар кој го направил прегледот. Според него се работи за лесни телесни повреди и затоа детенцето е пуштено дома без да му се даде каква било терапија.

– Околу 4 часот во вторникот, 10-месечното детенце било донесено на лекарски преглед од страна на родителот со податоци дека наводно паднало во градинката. При прегледот од страна на дежурниот хирургот тоа е свесно, контактибилно, нормално реагира, како и зениците на светлост. На десната страна од образот  и носот се гледаат лесни гребнатинки и мало црвенило. Се заклучува дека се работи за лесни телесни повреди, затоа не е примено во болница и пуштено е дома со совет без конкретна терапија – вели д-р Крџов и дополнува дека ова е напишано во извештајот на докторот што го примил детенцето.

Според него ако имало сериозен пад, детето сигурно дека ќе било хоспитализирано и ќе ја добиело потребна терапија.

За случајот е запознаен и градоначалникот  на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој за весникот ВЕЧЕР кажа дека бил да го посети детенцето и забележел повреди. Тој реагира зошто  актуелната директорка не го информира советот на општината, бидејќи тој е основач на градинката. Според него одговорност треба да има и затоа смета дека градинката требало да го пријави случајот и во МВР. Тој информираше дека во средата родителите на детенцето настанот го пријавиле во МВР, но немаше информации дали инспекторите излегле на терен и направиле увид.

(В.Ма.)