Како Груевски од Будимпешта го замислува Скопје

Тунел кој би бил пробиен под Водно би му отворил на Скопје нов хоризонт за развој зад планината. Во фејсбук-статус, експремиерот Никола Груевски од Будимпешта дава визионерски идеи во која насока да се развива Скопје, за кое смета дека сега е пренаселен град, со нефункционален сообраќај и со загаден воздух. Визијата на поранешниот македонски премиер наиде на коментари во јавноста, кои одат во насока дека фелата треба да размисли за оваа идеја, која веќе подолго време е заглавена во ДУП-овите, дека Скопје и сега е пренаселен град и дека не треба да се шири понатаму, бидејќи ќе донесе нова миграција од внатрешноста

1913

Тунел кој би бил пробиен под Водно би му отворил на Скопје нов хоризонт за развој зад планината. Во фејсбук-статус, експремиерот Никола Груевски од Будимпешта дава визионерски идеи во која насока да се развива Скопје, за кое смета дека сега е пренаселен град, со нефункционален сообраќај и со загаден воздух.

 – Има многу примери во големите градови во светот каде што под еден поголем рид среде град има тунел. Има такви и во Будимпешта, Прага и во други градови – вели Груевски, посочувајќи дека со изградбата на тунелот, Водно ќе стане средиште на градот и ќе му даде географска перспектива на Скопје кон езерата Козјак и Матка и кон планините Караџица, Јакупица и Китка, со живописна природа, глетка на околината, сончева област и со многу почист воздух од оној во Скопје.

Тој смета дека еден ваков проект треба да биде предизвик за високостручни професионалци, градежници, архитекти и урбанисти и ќе бара промена на Генералниот и на другите детални урбанистички планови.

Според замислите на Груевски, тунелот би требало да понира во низинскиот дел на Скопје и да излегува на другата страна, исто така, во низинскиот дел на Општината Сопиште. Тој вели дека за почеток е најдобро да се пробие еден тунел (а потребно е да бидат три). Тунелот би бил со голем проток за возила и со најмалку осум коловозни ленти, како и простор за воз, трамвај, велосипеди и за пешаци.

И сите потребни подземни инсталации, како гасоводни, водоводни, канализациски и други цевки, кабли и слично, кои ќе помогнат во развојот на новиот дел од градот или, можеби, новиот град, кој за експремиерот Груевски би можел да се вика Ново Скопје.

– Другите два тунела би можеле да се изградат подоцна, можеби по 10, 15 или 20 години по градбата на првиот, кога на големо ќе се прошири и ќе се изгради Скопје зад планината, отворајќи перспектива кон еден многу живописен крај со прекрасни пејзажи и села што сум ги посетил и од каде што секогаш ќе паметам неверојатни незаборавни глетки – потенцира Груевски. 

На неколку километри од излезот на тунелот, во низината и на помалите ридови Груевски предлага да се предвидат најмалку три градски јадра или најмалку три нови центри.

– Сето ова во оваа фаза е многу полесно, бидејќи сега таа површина е ретко населена. Трите нови центри може да се разликуваат по стиловите на архитектурата на своите „мали рингови”. Па така, на пример, едниот може да е со современ архитектонски стил, вториот може да е со историски архитектонски стилови, а третиот со футуризам. Се разбира, третиот би бил најскап, но и суператрактивен, делови или квартови какви што има во Париз, Лондон и во други главни градови – вели експремиерот.

Со тунелот би требало на самиот почеток да се направат и најмалку два-три широки вкрстени булевари со осум коловозни ленти, простор за пешаци, велосипеди, трамвај и за воз, кои ќе ги дадат новата форма и основата на новиот дел на градот.

– На новопроектираните плоштади во трите нови центри може државата да изгради и да префрли три или повеќе, односно по една или две државни установи или министерства, што значајно ќе ги растовари сообраќајот, паркирањето и метежот во сегашниот центар на Скопје – вели Груевски.

Бидејќи ваков проект изискува многу пари и време за реализација, Груевски предвидел и начин како да се вратат вложените средства. Според него, средствата наменети за тунелот би можеле да се вратат со плаќање на дневна/неделна/месечна/годишна вињетка за сите оние што сакаат да го користат, сè додека не се врати инвестицијата во целост. Втора опција е да биде финансиран од буџетот со неповратни средства, како што се направени досега сите инвестиции.

– Приватниот сектор ќе има голем интерес да инвестира таму. Скопје ќе се прошири, ќе се релаксира, „полесно ќе диши”, ќе се гради и ќе станува сè поубав и поатрактивен град. Од новите три центри ќе се стигнува до државната болница „Мајка Тереза“ со возило побрзо отколку од Радишани, Бутел, Маџари или од Ѓорче Петров – кажува Груевски во својата визија за тоа како го замислува Скопје отаде Водно.

Овој тунел и булеварот што ќе излегува од него може перспективно да бидат почетната точка за градба на автопат од Скопје кон Охрид и Битола, преку Македонски Брод, кој речиси за половина ќе го скрати патувањето.

– Скопје, односно Владата, би требало да ја заврши и втората фаза од жичарницата, а тоа е од Средно Водно до градот, односно до Клиниката за детски болести „Козле“, како што веќе сè е проектирано и подготвено за градба уште од 2016 година. Третата фаза би можела да биде жичарница од врвот на Водно, па по сртот, сè до езерото Матка, а четвртата фаза откако ќе заживее новиот дел на Скопје зад планината Водно, би била од врвот на Водно, па до еден од новите три центри на новиот дел на Скопје, преку планината – нагласува Груевски.

Визијата на поранешниот македонски премиер наиде на коментари во јавноста, кои одат во насока дека фелата треба да размисли за оваа идеа, која веќе подолго време е заглавена во ДУП-овите, дека Скопје и сега е пренаселен град и дека не треба да се шири понатаму, бидејќи ќе донесе нова миграција од внатрешноста.

(С.Бл.)