Премиерот Зоран Заев не е оптимист дека до 22 јуни може да се дојде до решение со Бугарија, а со тоа и до одблокирање на процесот за почнување на преговори на Северна Македонија со ЕУ, пред сè поради тоа што таму во моментов има техничка влада. Тој најави дека најверојатно в четврток во Бугарија ќе има уште една средба со претседателот Румен Радев. Нема зијан, рече премиерот, доколку со бугарската страна заклучиме некаков договор кој потоа би бил верификуван од следната политичка влада во Бугарија.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски потенцира дека јасна е пораката од Софија дека ниту привремената влада, ниту претседателот не можат да излезат надвор од рамката која је постави нивниот парламент, дека сме ние Бугари и јазикот ни е бугарски. За новинарот и аналитичар Зоран Иванов нема теорија потврдениот “антимакедонец” Радев  нешто радикално да преземе во врска со деблокадата на нашите евроинтеграции.

 

Премиерот Зоран Заев не е оптимист дека до 22 јуни може да се дојде до решение со Бугарија, а со тоа и до одблокирање на процесот за почнување на преговори на Северна Македонија со ЕУ, пред сè поради тоа што таму во моментов има техничка влада. Тој најави дека најверојатно в четврток во Бугарија ќе има уште една средба со претседателот Румен Радев. Нема зијан, рече премиерот, доколку со бугарската страна заклучиме некаков договор кој потоа би бил верификуван од следната политичка влада во Бугарија.

„Верувам дека в четврток ќе можеме да навлеземе детално во тие разговори. Она што морам да го кажам, имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши затоа што Бугарија има техничка влада и нема Парламент. Но, не е невозможно да се реши. Зошто го кажувам ова. Да не ги дигнам очекувањата на сите заради тоа што реалноста е дека во Бугарија на 11 јули имаат избори. Но, истовремено имам чувство на одговорност пред нашиот народ да кажам дека наша должност е да направиме сè. И нема зијан ако направиме дури и успех и заклучиме отприлика договор кој би бил верификуван од следна политичка влада и од Парламентот, изјави Заев денеска во Скопје.

Според него, значајно е што нема дилеми за постоењето, автентичноста и потврдата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

„Тоа не е прашање на разговори. Зборуваме за динамиката во месеци, во полугодија, во години или во континуитет на сите детали од секторската соработка во делот на рамката или патната карта. Зборуваме за интензитетот на свикување и гледањето на историската комисија од двете страни, но секако зборуваме и за креативниот дел на португалското претседателство кој го даде како предлог за да може конечно пријателска Бугарија да ни даде пас односно позитивен одговор на закажувањето на првата меѓувладина конференција преку усвојувањето на преговарачката рамка“, истакна премиерот.

Тој рече дека и средбата во Брисел со бугарскиот претседател Румен Радев била многу важна, како продолжение на средбата што тој ја имал со претседателот Стево Пендаровски. Она што е важно, нагласи тој, е преку разговор точно да ги утврдиме водењето на грижа за важните работи и за Северна Македонија и за Бугарија преку предлогот од португалското претседателство.

Зоран Иванов

Дали можеме да очекуваме некакво изненадување од  средбата Радев- Заев во Софија? Новинарот и аналитичар Зоран Иванов за весникот ВЕЧЕР вели дека актуелна Бугарија е во еден вид изборна транзиција. Претседателот Радев практично и преку неговата привремена “кабинетска” влада и преку своите претседателски ингеренции има два приоритета: политички докрај да ги маргинализира своите лути противници ГЕРБ и Борисов и пред крајот на оваа година пред бугарските гласачи да се избори за својот втор мандат. Тоа подразбира дека нема теорија потврдениот “антимакедонец” кој манифестираше “власт” и врз историчарите членови на бугарскиот дел бугарско-македонската историска комисија на која јавно пред ТВ-камерите од својот претседателски кабинет им ги диктираше бугарските “црвени линии”, нешто радикално да преземе во врска со деблокадата на нашите евроинтеграции, вели Иванов.

Секако, објаснува тој, наспроти европските дипломатски мултикултиватори, сега во погон, токму за состојбите и на Балканов, се впрегна и американската булдожер-дипломатија. Црните листи со неколкуте имиња на бугарски политичари и на нивни бизнис компањони се само првиот темен димен сигнал од ауспухот на американската дипломатија, па само тоа, наспроти млакоста на европската, влева надеж дека нешто ќе се помести во македонскиот интегративен пат.

Сепак, актуелниот бугарски претседател нема да рескира Македонија со своите евро амбиции да му го попречи патот до неговиот втор претседателски трон и поради таа причина, а повикувајќи се на волјата на бугарскиот парламент пред која и тој е “немоќен”, а ниту пак сака токму сега да му залепат предизборна етикета дека, ете, токму тој е предавник на бугарските национални интереси, сега од него ништо конкретно не би можело да се очекува. Радев ќе ја влече работата до после јулските парламентарни и, веројатно, и до есенските претседателски. Друга е темата дали и каква формула евентуално би можела да преземе ЕК за сепак да се одржи меѓувладината конференција на која земјава само формално би ги почнала преговорите со Унијата, а притоа нејзината членка да остане “непоразена” до конечниот компромис меѓу двете држави. И за ова пак клучот е во Вашингтон, заклучува Иванов.

Ристо Никовски

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека е добро што Македонија тргна во офанзива за некако да успее Бугарија да ја повлече блокадата, меѓутоа, тоа е многу доцна и изгледите за некакво пробивање се минимални, практично никакви.

“Јасна е пораката од Софија дека ниту привремената влада, ниту претседателот не можат да излезат надвор од рамката која је постави нивниот парламент, дека сме ние Бугари и јазикот ни е бугарски. Факт е дека и Бугарија е под силен притисок да ја повлече блокадата и за таа цел и нудат разни погодности, сите на наша штета. Документот кој се подготвува нема да го реши проблемот без наша целосна капитулација бидејќи пораката е јасна – тој мора да биде во целосна согласност со нивната парламентарна декларација, дека немало Македонци до 1944 година“, оценува Никовски.

“Нашите политичари не треба да се залажуваат и народот да го замајуваат дека, ете, Бугарија признава дека ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик, ама дека корените биле спорни. Корените сме ние и тоа е чиста измама“, заклучува тој.

М.Миновска