Каква кампања нè очекува – стендап навреди и исмејувања или културна комуникација?!

Веќе постојат високи тензии и реториката само ќе се заострува, истакнува политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Политичките партии, според аналитичарот Марко Трошановски, се виновни за негативната политичката кампања и нивна одговорност е да се воздржат ако не сакаме разгневени гласачи на изборите. Принципот на негативна кампања стана наше совршенство, заклучува политичкиот аналитичар Агим Јонуз. Се надевам и дека ќе видиме различна политичка комуникација од досегашната која изобилуваше со стендап навреди и исмејувања на противниците, оптимист е комуниколог Бојан Кордалов.

68

Ако по утрото денот се познава тогаш нема сомнеж дека ќе бидеме сведоци на една од највалканите изборни кампањи бидејќи уште пред нејзиниот официјален почеток, политичките противници упатија серија навреди и омаловажувања.

Првите копја ги вкрстија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Социјалните мрежи вријат со препукувања меѓу партиските ботови, се разменуваат навреди и не се одбираат зборови со кои ќе се дискредитира противникот. Најекспониран беше нападот кон независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска. Навредите кон неа беа протолкувани како мизогени и сексистички, само поради тоа што е жена. Таборот на партијата која се залага за едно општество за сите, ја исмева нејзината независност користејќи неприкладни зборови, а Арсовска пак, најави тужба. Против насилството врз жените во политиката се огласи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

„Се наоѓаме во период пред локални избори, пред изборна кампања, кога насилството врз жените во политичките партии, според последните истражувања, е највисоко, дури 47 проценти. Без разлика која жена ќе ја предложиме, без разлика за која жена ќе гласаме, сите да заокружиме НЕ за насилството врз жените во политиката“ – напиша на својот фејсбук-профил Шахпаска.

Овие избори, според политичкиот аналитичар Агим Јонуз, нема да донесат ништо понов модел од изминатите зошто принципот на негативна кампања стана наше совршенство.

„Трагично е и на секој писмен човек му е јасно, кој било и во која било фотелја да седне апсолутно ништо нема да се промени. Македонската политичка јавност е одамна на работ на разумот“ – заклучи за весникот ВЕЧЕР, Јонуз.

Кај нас традиционално, според аналитичарот Марко Трошановски, дел од политичката кампања се сведува на лични навреди и дисквалификации и дел од електоратот е веќе навикнат, што е вина на политичките партии и нивна одговорност е да се воздржат ако не сакаме разгневени гласачи на изборите.

„Како се заострува кампањата ќе се зголемуваат ваквите лични диквалификации и за жал тоа ја труе политичката култура и придонесува кон понатамошно уназадување на сврзното ткиво на нашето општество“, нагласи за весникот ВЕЧЕР Трошановски.

И аналитичарот Петар Арсовски предвидува негативна кампања.

„Веќе постојат високи тензии пред почетокот на кампањата за локалните избори  и реториката само ќе се заострува, заклучи Арсовски.  

Комуниколог Бојан Кордалов, сепак, е оптимист и очекува фер услови за понатамошната изборна кампања.

„Се надевам и дека ќе видиме различна политичка комуникација од досегашната која изобилуваше со стендап навреди и исмејувања на противниците, заплашување со победа на конкурентската опција и слично“, истакна Кордалов.

(И.С.)