Казахстанскиот милијардер и го отстапи на државата својот удел во нафтената компаниј Петросун

117

Казахстанскиот милијардер и бизнисмен Тимур Кулибаев и го предаде својот удел од 49% од акциите во Петросун, голема компанија за трговија со нафта и нафтени деривати контролирани од кинеската CNPC, на државната енергетска компанија, изјави денеска казахстанскиот вицепремиер Роман Склар.

Петросун купува и преработува дел од суровата нафта на Казахстан, пренесува Ројтерс.

Склар не ја наведе причината за ваквата одлука на Кулибаев, кој е зет на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев. Кулибаев не беше достапен за коментар за агенција Ројтерс.

Уште еден роднина на Назарбаев, неговиот внук Каират Сатибалди, во април ѝ го предаде на владата својот удел од 29 отсто во телекомуникациската компанија Казахтелеком, откако беше уапсен под обвинение за проневера и злоупотреба на службената положба, додава британската агенција.

Назарбаев, кој поднесе оставка во 2019 година, но ги задржа широките овластувања како претседател на Советот за национална безбедност, ја загуби таа позиција за време на насилните немири во јануари.

Неговиот наследник, Касим-Жомарт Токаев, оттогаш формираше комисија за борба против монополите и заплена на имот за кој се верува дека е неправилно приватизиран.