Кога пред некое време весникот ВЕЧЕР пишуваше за поранешните големи југословенски музички ѕвезди, за нивниот сегашен живот кој е далеку од фановите и рефлекторите, не можевме ни најмалку да претпоставиме дека тоа ќе предизвика огромен интерес кај читателите.

Тоа само по себе кажува дека тие личности не се заборавени, а нивните песни останаа да се слушаат како евергрини на овие наши зовриени географски простори од Вардар до Триглав. Тогаш пишувавме за: Даниел Поповиќ, Сенка Велетанлиќ, Ѓорѓе Марјановиќ, Слаѓана Милошевиќ, Јасна Злокиќ, Звонко Богдан, Мери Цетиниќ…. Но тука не е крајот.

Поранешната голема југословенска естрада има уште еден куп ѕвезди од тој калибар на кои публиката со радост се сеќава и ако тие се повлекле од концертните настапи, фестивали, медиуми, не снимаат нови песни и си го живеат животот на „обичен смртник“ задоволни од се она што го постигнале во музичката кариера. А, еве, уште кои се тие?

Лилјана Лиле Николовска – првата, но и дефинитивно најпопуларна пејачка на сплитската група „Магазин“ со македонско потекло. Татко ѝ беше воено лице, па по распаѓањето на Југославија, тој со семејството се враќа на некое време во Скопје, кога во Сплит ХДЗ му го одзеде станот од ЈНА. Лилјана заминува за Америка каде и денес живее семејно и далеку е од музичката сцена. Редовно ги следи сите настани и во родната Македонија преку интернет. Ќе ја памтиме по голем број хитови со групата „Магазин“, но најмногу по песните: Пиши, пиши ми, Немам с киме дочекати зиме, Све би секе љубиле морнаре, Не могу да га не волим, а најмногу по мегахитот од Сплитскиот фестивал „Коколо, коколо мој“!

Златко Пејаковиќ – омилен пејач на повеќе генерации од многу популарната белградска „Корни група“. Кога се распадна СФРЈ, Пејаковиќ се враќа во својот роден град Осијек во Хрватска, каде што продолжува со естрадна кариера но ни од далеку со таквата популарност која што ја имаше во Белград со групата. И денес повремено пее, но тие песни не можат да ја постигнат онаа слушаност како песните од она време: Моја генерација, Поклони свој ми фото, Черге, Моме је љету крај, Малена, Цвита цвите мој, Успомене….

Татјана Матејаш Тајчи – публиката ја памти по навистина големиот хит „Хајде да лудујемо“, со кој ја преставуваше Југославија на „Песна на Евровизија“ имајќи го имиџот на Мерилин Монро. Оваа песна и денес е неизбежна на скоро сите забави и журки и кај помладите генерации. Тајчи и ако само со една песна направи кариера, сега е во Америка има и семејство и речиси и не пее, освен во црковни хорови.

Зана Нимани – првата пејачка во првата постава на мега популарната белградска поп-група „Зана“. Кога во таа Југославија ја испеа песната “Додирни ми колена“ не можеше ни да сонува дека тоа ќе биде хит за сите времиња, песна која денешните помлади пејачи ја имаат на својот репертоар, а публиката и понатаму со задоволство ја слуша. Песната некоја година потоа на француски јазик /Dance avant de dormir/ во Париз, славната Тереза Кесовија ја сними и направи да биде мега француски музички хит. Ретко кој знае дека Зана е Албанка,но израсната во Белград, внука на партизанскиот херој Нимани. Таа по распадот на Југославија замина да живее во Америка. Таму има семејство и далеку е од медиумите и обожавателите. Зана Нимани ќе ја паметиме и по топ-хитот со Жељко Бебек „Јабуке и вино“.

Лео Мартин – испеа огромен број поп-шлагери кои не се заборавени, (Збогом Кристина, Одисеја, Песмо моја, Ја те волим, Реци ми шта је љубав….) и наеднаш се повлече од музичката сцена. Едно време живееше во Бугарија бавејќи се со некои  на други професии. Вистинското име му е Миша Јовиќ, родум е од Ниш, а ова уметничко Лео Мартин го доби кога направи голема кариера во тогашните западноевропските земји снимајќи тиражни плочи за „Колумбија-рекордс“.

Лена Трајковска – секогаш примамлива за слушање, нашата Македонка со леснотија ја освои тогашната југословенска естрада со многу песни кои сите до една и беа испеани на македонски јазик. Потоа се повлече, се омажи и си замина да живее во Австралија каде е и денес. Но таму никогаш професионално не пееше туку работеше како професорка. Сега е во пензија, ужива во животот во Перт и во успесите на својата ќерка која стана познат австралиски музичар.

Сеид Мемиќ Вајта – родум е од градот Травник, Босна, а Југославија ја освои како пејач на популарната сараевска група „Тешка индустрија“. Потоа продолжи сам да пее, па како соло-пејач настапи и на „Песна на Евровизија“ со хитот „Лејла“. Победуваше и на другите југословенски фестивали, имаше многу хитови и концерти. Беше најомилен кај женската публика, а Вајта ќе се памти и како прв машки пејач кој на почетокот на 80-тите години се соблече гол сликајќи се за дуплерица на тогаш многу тиражната белградска “РТВ Ревија“. Остана да живее во Сараево. Не пее веќе и само повремено гостува во некои музички ТВ-емисии со своите поранешни ЈУ-хитови.

Оливера Катарина – без дилема голема естрадна ѕвезда во времето на филмскиот хит „Собирачи на пердуви“( со Беким Фехмиу) од Канскиот фестивал. Во тој филм Оливера (поранешна Вучо) ја испеа до тогаш заборавената ромска химна „Џелем, џелем“, која потоа стана и светски музички хит, доживувајќи над стотини интерпретации од други пејачи. И ако направи богата музичка, но и филмска кариера, пеејќи и поп-шлагери (У једном париском локалу), руски романси, но најмногу ромски песни, некаде пред оваа Нова година во едно интервју се пожали дека живее сиромашно, како подстанарка во мал изнајмен стан во Белград. Беше позната и како голем противник на комунизмот на Маршалот Тито, па често ја прогонувале југословенските власти, строго отстранувајќи ја од сите тогашни познати музички ТВ-емисии.

Маријана Новачевска (екс Сариќ) – живее во Австралија, беше во брак со познатиот музичар и композитор Тоде Новачевски, но и си остана убава. Не е поодамна во оние комерцијални професионални естрадни води. Има друга професија, а ќе ја памтиме како големо пејачко име која оставила трага на музичката сцена особено пеејќи песни во дует со сестра и Росана: Едно срце имам, Признавам, Еј Тодоре…. како и Опасна зона со која настапи во 1984 година на Југословенскиот избор за „Песна на Евровизија“.

Дуле Миќиќ/фото:ФБ-Инстаграм