„Оперативната група во Министерството за транспорт и врски во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира. Веројатно, ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош, каде што се наоѓа земјиштето. Од тој аспект, ќе треба Општината да има дополнително уште еден состанок со институциите, како Агенцијата за катастар на недвижности и сите оние прашања што ќе се јават со цел навреме и брзо да ја информираме Владата за идните чекори и постапки“, изјави вчера министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Неофицијално, се шпекулира дека студиото ќе се гради на Зајчев Рид

 

Иако уште во август од страна на светски познатиот актер Џон Малкович беше најавен проектот за изградба на филмски студија според холивудски терк во Скопје, поконкретно во Општина Карпош, реализацијата сè уште не е започната. Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во моментот се разгледуваат документите и веќе денес Владата би требало да биде информирана за утврдената состојба. Одговарајќи на новинарско прашање, тој вчера посочи и дека ќе се координираат со Општината во насока да се добие појасна слика за состојбата на теренот и за корисничките и сопственички права.

– До Комисијата во Владата беше доставено барање за проект од страна на неколку компании, кое е препратено до Министерството за транспорт и врски. Кај нас се формираше комисија, која одржа состанок на кој ги разгледа документите. Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира. Веројатно, ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош, каде што се наоѓа земјиштето. Од тој аспект, ќе треба Општината да има дополнително уште еден состанок со институциите, како Агенцијата за катастар на недвижности и сите оние прашања што ќе се јават со цел навреме и брзо да ја информираме Владата за идните чекори и постапки – изјави Бочварски.

Тој посочи дека сите документи ќе бидат претставени пред владината Комисија за економски систем, по што се очекува Владата да заземе став. Според Бочварски, има одредени микролокации во проектите, дадени од инвеститорите, за кои е изработен и е во сила детален урбанистички план.

– Мораме со Општина Карпош да ја разгледаме целата постапка, да не има некое приватно земјиште. Корисничките права се исклучително важни во секој, па и во овој проект. Потоа, на седница на Комисијата во Владата што ја води потпретседателот Фатмир Битиќи, ќе се разговара со сите аргументи. Сметам дека потоа Владата ќе заземе став – рече Бочварски.

Тој не сакаше да прејудицира кога би се реализирал проектот, со оглед дека треба да се добие јасна слика на терен.

Неофицијално, се шпекулира дека проектот за филмски град, најверојатно, ќе се реализира на Зајчев Рид.

Во август, Малкович, преку видеопорака за МРТ, изјави: „Би сакал да ги поздравам моите македонски пријатели и да ви кажам колку сум возбуден што ќе соработувам со моите колеги професионалци Д.В. Мафет и Мет Дилон на создавање филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар, со сертификат за еколошка градба во Скопје. Прво студио од ваков тип на целиот Балкан“. Тој тогаш најави дека ќе го посети Скопје веднаш откако Владата ќе го одобри проектот „Скопје технолошки парк“.

– Решивме да го наречеме проектот „Стоунбриџ студија“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ – додаде Малкович.

Исто така, порача дека, како Балканец по потекло, му придава специјално значење на овој проект.

– Возбудени сме не само затоа што ќе работиме и ќе снимаме холивудски филмови во Скопје туку и затоа што ќе помогнеме уште повеќе да се зајакне балканскиот филм, како и музичките и уметничките заедници на секој можен начин. Цврсто верувам дека проектот ќе биде од клучно значење за земјата и за регионот – истакна тогаш Џон Малкович.

Мет Дилон повторно го актуализираше проектот на почетокот од минатиот месец.