Каде е Катица?

379

Еден ден по оставката, Катица Јанева од вторникот отворила боледување, информираат од Специјалното јавно обвинителство. Известувањето стигнало вчера попладнето, откако медиумите секојдневно пренесуваа информации дека Јанева не доаѓа на работа и дека не ги известила своите колеги за причините за нејзиното отсуство. Официјално, Катица е на боледување, но во исто време се погласни се шпекулациите дека специјалната јавна обвинителка од пред неколку денови веќе не е во државава. Оваа теза ја отворија и од опозициската ВМРО- ДПМНЕ.

– Поминаа три дена, а од Катица Јанева ниту трага, ниту глас. Три дена не доаѓа на работа. Три дена се крие и бега од одговори и одговорност. Платата тешка илјадници евра и стигнува на сметка, а нејзе ја нема. Кружат информации дека заминала од Македонија. Ова сигурно не е право и правна држава. Наместо да одговара пред законите, таа продолжува да ги влече конците, да овластува обвинители и да потпишува акти на СЈО, изјави Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

 Заев пријавил рекет

Катица Јанева во јавноста ја поврзуваат за случајот „Рекет„, иако засега нема докази дека обвинителот кој се споменува во случајот, е токму Јанева. Дел од медиумите објавија дека за случајот “Рекет“, Орце Камчев првo помош побарал од премиерот Зоран Заев. Прво нему му се пожалил дека му бараат пари за влијание врз предметот „Империја“ на СЈО во кое Камчев е еден од осомничените. Заев случајот го пријавил директно кај првите луѓе во обвинителството – Љубомир Јовевски и Вилма Рускоска. Премиерот Заев пред два дена самиот потврди дека до него стигнале жалби од неколкумина дека се уценувани.

Oставката која Јанева ја поднесе во понеделникот ќе биде активирана откако ќе биде постигнат договор за законот за јавното обвинителство, кој сè уште е камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Тогаш се очекува да биде избран и нејзиниот наследник на челната позиција во СЈО.

Според досегашниот статус на обвинителството мандатот истекува на 15 септември. Формирањето на СЈО се случи во септември 2015 година, како резултат на преговорите на партиите според Договорот од Пржино.

Колку стекна Катица?

Во првите шест месеци откако стапи на челната позиција во СЈО, Катица Јанева, купила два стана во Скопје за нејзините деца и еден автомобил. Како што тогаш објави весникот „Вечер“,  становите и автомобилот Јанева ги стекнала за само шест месеци, бидејќи тие податоци не беа наведени во анкетниот лист кој беше објавен веднаш по нејзиното стапување на функција.

Во последните измени во анкетниот лист на Катица Јанева, ажуриран пред нејзината оставка од функцијата, специјалната обвинителка на свое име пријавила куќа во Гевгелија од 371 метри квадратни, земјоделско земјиште во Мрзенци и плац во Конско. На свое име пријавила и возило „ровер 45“, а на име на децата возила „голф 4“ и „ауди А6“, кои ги немаше во претходните анкетни листови. Пријавила и неколку денарски депозити и кредитни картички на свое име и на име на децата. Интересен детаљ од нејзиниот анкетен лист е дека пријавила четири кредити, еден на име на децата, а три на свое име, кои сè уште се исплаќаат.

Во деталниот преглед на нејзиниот имотен лист е наведено дека поседува моторно возило „ровер 45“, а како имот на нејзиниот покоен сопруг стои моторно возило хингај, кое исто така го нема во првичниот анкетен лист. Претходно, Катица имала „рено 5 кампус“.

Во претходниот анкетен лист стоеја две куќи на име на нејзините родители – едната од 130 м/2 во Гевгелија, вредна 100.000 евра и другата во Смоквица, вредна 5.000 евра. Во најновиот анкетен лист пак на нејзино име стои куќа од 374 м/2 вредна 100.000 евра, која, како што е наведено, ја стекнала со наследство.

Откако стана специјален јавен обвинител, Катица си зела две кредитни картички: мастер голд со лимит од 2.500 евра, и американ експрес од Алфа банка со лимит од 3000 евра.

На Јанева во понеделникот и беше одземен мобилниот телефон во рамки на истрагата за случајот „Рекет“ за кој осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец кои се во притвор. Поради тоа таа во јавноста се поврзува со случајот на тргување со влијание за кои се товарат Јовановски и Милески, кои како што соопштија од Обвинителството за организиран криминал и корупција примиле награда од лице осомничено во истрага, ветувајќи влијание врз јавен обвинител за олеснување на постапката.

Именувањето на Катица Јанева на функцијата специјален јавен обвинител беше директен предлог на олеснувачите во преговорите за излез од политичката криза во 2015 година.