Кавадарци доби скејт парк

139

Кавадарци доби скејт парк. На отворањето присуствуваа заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, претставник на Швајцарската амбасада, директорот на Вардарскиот плански регион.

-Го направивме овој скејт парк во комплексот на спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци. Како млад човек и градоначалник, на почетокот малку бев скептик за овој малку поадреналински спорт, меѓутоа општина Кавадарци покажа дека има деца кои сакаат да го практикуваат овој спорт. На наше задоволство, веќе е во функција, рече Јанчев.

Заменик-министерот  за локална самоуправа Димитровски нагласи дека Министерството со финансиска помош на Агенцијата за развој и соработка од Швајцарија вложува во проекти, а овој во Кавадарци е наменет за најмладите или за помладите генерации.

Се радувам што тука навистина гледам многу деца во скејт паркот. Ова е еден адреналински спорт кој се разбира придонесува за психофизичкиот развој на најмладите. Сметам дека во иднина ќе продолжиме со ваков тип на инвестиции, односно заедно со помош на програмата за регионален развој како и со Швајцарската агенција,  да придонесуваме и во областа на туризмот и во областа на разонодата и рекреацијата на младите, нагласи заменик-министерот.

 

Мирјана Македонска од Амбасадата на Швајцарија рече дека Швајцарската развојна агенција го поддржува развојот во соработка со Министерството за локална самоуправа. Граѓаните одлучуваат околу тоа во што се инвестира. Таа изрази надеж дека овој пример ќе го следат и други општини, имајќи ја предвид важноста на спортот.

Виктор Василески од Скопје, претставник на скејтерската заедница во државата и претседател на Здружението на скејтери на државно ниво, исто така изрази задоволство што еден ваков проект се реализираше во Кавадарци, со современи и безбедносни стандарди. Најави многу дружби и првенства во иднина.

Иницијатор на проектот бил Петар Вагнер.

Извор:МИА