Кабинет на Иванов: Се прави обид да се дискредитира институцијата претседател

114

Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија Ѓорге Иванов во целост ги демантира наводите во денешното соопштение на СДСМ за кои сметаат дека се тенденциозни и со злонамерно извртување на фактите се прави обид да се дискредитира институцијата претседател.

– Голема иронија е што СДСМ се дрзнува да го обвинува претседателот Иванов за недомаќинско и неодговорно работење, кога речиси секојдневно македонската јавност се шокира со бројните скандали и пропусти, предизвикани токму од нив. Сметаме дека станува збор за уште еден очаен обид за напад врз претседателот Иванов, со цел да се пренасочи вниманието на јавноста од неморалното и несовесното работење на владејачката партија, се вели во соопштението. 

Голема лага се, како што се наведува, наводите дека претседателот Иванов нарачува над 700 сувенири со своето име, за сопствена промоција и маркетинг.

– Вистината е дека во јавната набавка се предвидени само 50 марами и 100 вратоврски со името на претседателот Иванов, кои се наменети како протоколарен подарок за странски делегации и гости, до завршување на мандатот на претседателот Иванов. Уште поголема лага се наводите дека Кабинетот на претседателот на Република Македонија постапува неодговорно, со недомаќинско работење и спротивно на интересите на граѓаните и државата, стои во соопштението.

Од Кабинетот укажуваат дека со цел правилно информирање на пошироката јавност, станува збор за годишна набавка на репрезентативни подароци, што се реализира врз основа на годишен план, а како востановена практика на сите претходни претседатели на државата и речиси насекаде во светот. Јавната набавка опфаќа протоколарни подароци, што се набавуваат во согласност со протоколарните активности на претседателот, вклучувајќи посети на странски делегации, како и возвратни посети на странски држави.

– Укажуваме дека наведениот износ од Договорот за јавната набавка претставува планирана вредност на јавната набавкаодносно не се исплаќа целиот износ наведен во договорот, туку по фактура за извршената услуга. Следствено на ова, следниот претседател на Република Северна Македонија на почетокот на својот мандат ќе има на располагање репрезентативни подароци, продолжувајќи да ja искористува јавната набавка, стои во соопштението.

Досегашните јавни набавки на Кабинетот на претседателот, како што се наведува, се извршени на максимално транспарентен начин и во согласност со сите законски регулативи и се транспарентно и јавно објавени.

– Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија, се вели во соопштението.