И Јовески ќе дојде да го поттурне законот за јавно обвинителство

151

Јавниот обвинител Љубомир Јовески, поранешните обвинителки од СЈО, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска, на јавната расправа „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата“, ќе дебатираат за нацрт-законот за јавно обвинителство. Спорните членови од законот ќе бидат предмет утрешната јавна дебата, со што нацрт текстот официјално влегува во собраниска процедура. Засега неизвесно е кога ќе се одржи новата средба на работната група  која ги води преговорите за законот и дали во наредниве десетина дена ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за гласање на законот за јавно обвинителство.

Без никаков напредок во петокот заврши средбата на партиските работни групи. Претставници од опозицијата за кратко време ја напушти средбата образложувајќи дека бараат на разговорите да биде присутен државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Обвинителството уште еднаш ја зема улогата на заштитник на криминалот на власта, обвини лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Што треба повеќе да се случи ова обвинителство да започне да гледа
докази за криминал кај власта? Изјавата од пред некој ден на обвинителката Вилма Русковска е причина повеќе зошто ни треба закон за независно обвинителство, и доказ плус за целосната политизираност на сегашното обвинителство. Тоа објаснува и зошто Заев се бори за закон кој ќе го амнестира криминалот. Слепилото пред криминалот на сегашното обвинителство може да се отстрани единствено со квалитетен закон за обвинителство. И пораз на Зоран Заев на следните избори. Се дотогаш, разни Вилми и Јовевци ќе не убедуваат во неубедливото, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Во исто време, премиерот Оливер Спасовски деновиве дека законот за јавно обвинителство ќе биде доставен во Собранието многу скоро, и ги повика политичките партии да го поддржат.

-Посебно сакам да ги повикам пратениците од парламентарната опозиција, од најголемата опозициска партија да се престанат со партиски калкулации, со политиканство, со ставање на своите политички, лични интереси пред интересите на државата и конечно да се вградат во еден закон што ќе значи гарантирано зголемување на правдата, гарантирано зголемување на судството, на јавното обвинителство, од една страна и второ да помогнат барем еднаш сега да ги оствариме нашите интереси во делот на законот за јавно обвинителство и добивањето датум за почеток на преговорите, рече Спасовски.

Демократскиот сојуз ги повика партиите од власта и опозицијата донесувањето на законот за јавно обвинителство, кој е од исклучителна важност за борбата против организираниот криминал и високата корупција и за нашите европски интеграции, да не го користат за партиски надмудрувања и предизборна политичка кампања.

„Бараме текстот на законот јавно да се објави, јавната расправа да биде пренесувана во живо преку собранискиот канал и јавно, во писмена форма, да се објават ставовите на партиите вклучени во преговорите за Законот за јавно обвинителство. Продолжувањето на ‘преговорите’ да се одвива пред медиумите“, соопшти партијата.

Демократскиот сојуз смета дека за обвинители во одделот за организиран криминал и висока корупција треба да се избираат најстручните кадри, за кои нема никакви сомневања за инволвираност во криминал, професионалци кои уживаат углед во јавноста и за кои нема сомнение за политичка поврзаност, да се со висок професионален кредибилитет и интегритет и посебно, на никој начин да не се поврзани со криминалната афера „Рекет“.

Пораките кои се интензивираа во последниот период се дека носењето на Законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава кон дијалог и кон владеење на правото и дека ќе ја гарантира европската иднина на државата.

Работната група деновиве ќе си даде уште една шанса, по серијата неуспешни обиди за договор меѓу власта и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуализира по неодамнешната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.