Иранската спортистка Еленаз Рекаби се натпреварува во искачување на карпа и моментно се обидува да обезбеди норма за Олимпијадата во Париз во 2024 година, но нејзините резултати останаа во сенка на фактот дека настапи без хиџаб.

На фотографиите можеше да се забележи дека иранската претставничка нема хиџаб, а многумина веднаш ја пренесоа веста дека намерно го тргнала за да ги демонстрира слободата и правата на жените преку спортските арени.

„Не носењето хиџаб за време на натпреварот во Сеул не беше намерно. Тоа беше лоша одлука, неочекувано бев поканета да се искачам“, изјави Рекаби.

Пред да замине за Сеул, Рекаби мораше да предаде чек од 35.000 долари и да даде целосно полномошно на Иранската федерација во качување, да го продаде имотот на нејзиното семејство како гаранција дека ќе се врати.

Рекаби налути многумина во Иран затоа што веруваат дека таа го сторила тоа за да ги поддржи протестите ширум земјата поради смртта на младата девојка Махса Амини.

Но, Рекаби доживеала хорор бидејќи настапувала без хиџаб. Сликите објавени на социјалните мрежи ја покажуваат уништената куќа и медалите на спортистката и нејзиниот брат Давуд кој плаче. А Давуд Рекаби е медалист во качување.

„Каде е правдата?“ прашува расплаканиот брат.

„Таа напорно работеше за да ја направи својата земја горда. Тие употребија солзавец против неа, ја демолираа куќата и си заминаа. Што да кажам“, објаснува човекот кој ја фотографирал урнатата куќа.

Сликите на Еланаз Рекаби како се натпреварува во Сеул без хиџаб станаа вирални на социјалните мрежи и се појавија на насловните страници на неколку меѓународни магазини.

По враќањето во Иран, таа доби херојски пречек на аеродромот во Техеран. Таа подоцна на Инстаграм напиша дека е благодарна за сета поддршка што ја добила.