И ТЕЦ Неготино, Осломеј и РЕК Битола да работат 24/7, не би можеле да ги задоволат потребите со струја

Владата даде зелено светло на ЕСМ да го активира ТЕЦ Неготино. Вкупниот капацитет за производство на ТЕЦ Неготино е 180 мегавати, што е приближно на еден блок на РЕК Битола. Според експертите ова производство нема да може да ги покрие вкупните потреби на домаќинствата и малите потрошувачи. Државата ќе мора да увезува струја, бидејќи и доколку сите енергетски капацитети, односно ТЕЦ Неготино, ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола работат целосно 24 часа, не можат да се задоволат вкупните потребите со струја

219

По 12 години ТЕЦ Неготино повторно се става во употреба за производство на струја за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Владата даде согласност ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ Неготино за привремено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза. Капацитетот ќе работи од декември 2021 до април 2022, со можност за продолжување на тој рок доколку за тоа има потреба. Вкупниот капацитет за производство на ТЕЦ Неготино е 180 мегавати, што е приближно на еден блок на РЕК Битола. Според експертите ова производство нема да може да ги покрие вкупните потреби на домаќинствата и малите потрошувачи. Државата ќе мора да увезува струја, бидејќи и доколку сите енергетски капацитети, односно ТЕЦ Неготино, ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола работат целосно 24 часа, не можат да се задоволат вкупните потребите со струја.

И покрај тоа што ТЕЦ Неготино не работи подолг временски период, експертите велат дека опремата не е проблем, бидејќи постројката во Неготино е конзервирана, но проблем може да бидат вработените.

-Проблем ќе бидат луѓето кој што работат таму. Дали ќе има доволно вработени и дали тие ќе знаат да го пуштат во погон. Ако некој 12 години не ја работел таа работа треба повторно да се учи да ја работи. Што се однесува до постројката таа е конзервирана, односно внатрешниот дел на турбината е заштитен од корозија. Но пред да се пушти во погон потребни се неколку дена за да подготви. Можеби ќе има потреба од замена на некој елемент кој што не работи, но постројката не може да се стави во функција ако не работи еден елемент, вели за ВЕЧЕР Константин Димитров, универзитетски професор и енергетски експерт.

Според него, вкупниот капацитет на ТЕЦ Неготино е 21 мегават часови кој не е доволен за да се задоволат вкупните потреби на домаќинствата и малите потрошувачи. Ако сите енергетски капацитети работата 24 часа, без поткрепа од хидрелектраните нема да може да се задоволат вкупните потреби на државата.

– ТЕЦ Неготино и порано за Нова година со 3-4 дена подготовка се пушташе во употреба и работеше 8-9 дена. ТЕЦ Неготино служеше како резерва за дополнително производство и во случај на испад или прекин на производството во РЕК Битола, вели Димитров.

Експертите коментираат дека ТЕЦ Неготино порано требаше да се стави во функција, или да проработи барем гасната линија за да се ублажи проблемот со недостиг на електрична енергија.

-Доколку навреме ја ставевме во функција ТЕЦ Неготино, која работи на мазут и на гас, проблемот можеше малку да се ублажи. Најлошото сценарио кое може да ни се случи е Европа повеќе да не ни дава струја и да останеме само на нашето домашно производство кое не е доволно ниту за домаќинствата, ниту за индустријата, предупреди енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Инаку Владата даде согласност ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза. Капацитетот ќе работи од декември 2021 до април 2022, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба. ЕСМ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.

Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД МЕПСО, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.

Владата ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и АД ЕСМ со свои средства. Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД ЕСМ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку за тоа има потреба.

Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра/мегават-час. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 ден/кг, производната цена на ТЕЦ Неготино доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра/мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра/мегават-час.

Државната термоелектраната Неготино е изградена во 1978 година и последен пат работела во 2009 година. Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.

(А.С.)