И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ „се крстат“ на пратеници од противничките табори

Познавачите на политичките прилики велат договор на крај секако ќе има, а изборите се можни најрано в година, евентуално со локалните избори. Петнаесетте пратеници на ДУИ се важни, но може да се случи и да нe бидат толку неопходни, зашто навистина, во оваа ситуација сите опции се отворени. До мнозинство од 61 пратеник може да се стигне и без пратениците од ДУИ, доколку има пребегнување од големите коалиции во противничкиот табор, вели за весникот ВЕЧЕР политичкиот аналитичар Петар Арсовски

785

Зоран Заев и Христијан Мицкоски на низок старт- со големи пазарења и мали поместувања, најавуваат дека ќе обезбедат парламентарно мнозинство. Роковите течат, а од двата табори велат дека во игра се сите опции за коалицирање. Познавачите на политичките прилики велат договор на крај секако ќе има, а изборите се можни најрано в година, евентуално со локалните избори. Петнаесетте пратеници на ДУИ се важни, но може да се случи и да нe бидат толку неопходни, зошто навистина, во оваа ситуација сите опции се отворени, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

-До мнозинство од 61 пратеник може да се стигне и без пратениците од ДУИ, доколку има пребегнување од големите коалиции во противничкиот табор. Заедно со пратениците кои ги освоија Алијанса, Алтернатива, ДПА и Левица и со неколку “пребегани“ може да обезбеди потребното мнозинство. Ние веќе имавме таков случај во претходниот парламентарен состав кога беше гласањето за преспанскиот договор, и очекувам дека и овој пат ќе има такви сценарија. Во големите коалиции има помали партии кои можат да се испазарат и со едните и со другите, коментира Арсовски за весникот ВЕЧЕР.

СДСМ почнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата, велат од „Бихаќка“.

-Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика Северна Македонија – Едно општество за сите.

Разговараме за Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме“, соопштија социјалдемократите.

Многу пратеници, сигурен е  Заев, ќе дадат поддршка за формирање влада со оглед дека мнозинството во Собранието е широко.

„СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Сите опции се отворени во преговарачкиот процес. Влезот во новата влада ќе зависи од тоа кој ќе биде подготвен да исполни неколку услови да го отстрани национализмот во своите редови,  да покаже подготвеност за прочистување на правосудството “, изјави Заев.

За обезбедување ново парламентарно мнозинство фокусирани се и од ВМРО-ДПМНЕ, кои на овие парламентарни избори освоија само два пратеника помалку од СДСМ.

Мицкоски најави дека во периодот што следи ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зачести средбите со политичките партии кои се дел од сегашниот парламентарен состав, но не само со оние од албанскиот блок, туку и со оние од коалицијата на СДСМ. Можеби и тие, рече, ќе ја препознаат реформската програма на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја поддржат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е воедно уверен дека никој од пратеничката група „За обнова на Македонија“ нема да ја поддржи програмата на Заев и СДСМ.

Новата влада, според Мицкоски, треба да биде стабилна, реформска, со јасен план и визија за справување со предизвиците. Политиката, според него, не е пазар, туку мудрост и филозофија.

-На оние пратеници на кои им се пристапени мистериозни личности кои се повикуваат на раководството на СДСМ, пријдоа, кажаа и со згорзување ги одбија. И јас со згрозување одбивам да коментирам ваков вид пазар зашто на тој начин само ги демотивираме и деморализираме нашите сограѓани за следните избори кои на една година од сега ќе бидат локални. Верувам во политичка мудрост, политичка програма и политичка филозофија , а не на пазар како што се случуваше во претходниот парламентарен состав, нагласи Мицкоски.

Првата партија која објави официјално дека ја прифатила понудата од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да биде дел од новата влада е Демократската партија на Албанците.

Азем Садику од ДПА го изјави ова во вторникот по средбата со Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски, која се одржа денеска во Клубот на пратениците. Садику најави дека се формирани  работни групи кои ќе разговараат за деталите.

„Имавме покана за средба и бевме заедно, делегацијата на партијата со претседателот. Ни се понуди можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и ние како партија ја прифативме поканата. Формирани се работни групи кои ќе се предводат од претседателот и секретарот на СДСМ Љупчо Николовски”, изјави Садику.

Во екот на партиските пазарења, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, му порача на претседателот на СДСМ, дека премиер не се станува со 46 пратеници.

„Ниту со 46 пратеници, не се станува премиер. Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата. Ние внимателно ги анализираме ситуациите, нема да брзаме. Секој чекор што ќе го преземаме, ќе го направиме во интерес и корист на државата, мирот, стабилноста и унапредувањето на поголемите процеси, како што се Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, спроведувањето на законот за јазиците, борбата против криминалот и корупцијата. Но, во никој случај да не се избегнува од процесот на Ветинг. Секој ќе биде во партнерство со нас ако се согласува со овие точки. Вклучувајќи го и премиерот “, изјави Ахмети за „Коха“.

Повеќе од сигурно е дека преговорите за ново парламентарно мнозинство ќе одат тешко, но лидерот на НСДП, Тито Петковски е убеден дека влада ќе има.

Според него, предлогот на ДУИ за Албанец премиер е невешт предизборен обид да се добијат повеќе пратеници.

„Луѓето велат за време на избори и на риболов се лаже најмногу. Така тие и сега, но сега има дру елемент. Ахмети е повикан на Хаг како сведок. Но така беше и со Шешељ го повикаа како сведок па го осудија. Немам никакви информации, но кога Хаг повикува сведоци повикува луѓе кои учествувале во разни дела против човештвото“, посочи Петковски за Канал 5.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.   (Ј.Ц.Г. )