И половните автомобили станаа луксуз, поскапеа за 30 отсто и нивната цена уште ќе расте

Половните автомобили поскапеа за 30 отсто, а растот на цените нема да запре. Причини за зголемување на цените, освен намалената испорака на нови автомобили, се и зголемените увозни давачки и намалената побарувачка. Годинава, продажбата е намалена за дополнителни 20-30 отсто, а освен економската криза, врз намалената продажба влијае и растот на цената на бензините

544

Половните автомобили поскапеа за 30 отсто, а растот на цените нема да запре. Бавното производство на нови автомобили во Европа ги зголеми цените на половните автомобили. Со оглед на тоа дека кај нас најголемиот дел од половните автомобили се увезуваат од Германија, Франција и од Италија, според увозниците на половни автомобили, логично е цените да растат. Причини за зголемување на цените, освен намалената испорака на нови автомобили, се и зголемените увозни давачки и намалената побарувачка.

Цените на половните автомобили се зголемени за 30 отсто, а трендот на зголемување на цените како на старите, така и на новите автомобили ќе продолжи.

-Цените на половните автомобили се зголемени, но се очекува уште повеќе да растат. Не може да ги продаваме по иста цена кога од Нова година досега давачките ни се зголемени за 50 отсто, а од 2018 година, кога го донесоа новиот Закон за увоз на моторни возила, досега дури за 100 отсто. Така, на пример, ако за увоз на „опел корса“ давачките биле од 350 до 400 евра, сега се 700 евра. Од друга страна, поради економската криза и намалената куповна моќ на граѓаните, побарувачката на половни автомобили годинава е намалена за 20 до 30 отсто, вели за ВЕЧЕР Александар Ѓошевски, сопственик на автоплац за половни автомобили.

Причина за пораст на цените на домашниот пазар е и растот на цените на половните возила во Европа каде нема испорака на нови и логично е половните да се качат. Увозниците на стари возила се жалат дека посетеноста на автоплацовите е многу слаба, велат дека продажбата им е намалена за 20 до 30 отсто, додека пак во 2020 година регистрирале пад на продажбата и над 50 отсто.

– Врз намалената продажба влијае и растот на цената на бензините. И оние граѓани кои имаат автомобили, веќе не ги возат, бидејќи им е многу скапо секој ден да одат на работа со автомобил. И покрај тоа што цената на дизелот речиси се изедначи со цената на бензинот, сепак кај нас сè уште побарани се дизелашите поради помалата потрошувачка. Така, на пример, на 100 километри, дизелот троши 2-2,5 литри помалку од бензинецот – вели Ѓошевски.

Стандардот на граѓаните е сè понизок и не можат да си дозволат да купат нови автомобили. Најбарани се оние од 2.000 до 3.000 евра, но поради давачките кон државата, кои се зголемени за 100 отсто, цената на најевтините автомобили се покачи за 500 евра.

Цените на половните возила во Европа лани, во просек, пораснале за речиси 25 отсто. Така, на пример, ако еден половен автомобил во Германија чинел, во просек, 21.793 евра во март 2021 година, истиот месец во 2022 година бил 26.817 евра.

Според проценките на аналитичарите, цените на половните автомобили растат поради намалената понуда на нови. Корона-кризата влијаеше на недостигот на чипови и останати делови за автомобилската индустрија, што ги намали производствените капацитети. Истовремено, и цените на новите автомобили во последните три години пораснале за седум отсто. Осетниот пораст на цените на половните автомобили не се однесува само на автомобилите стари три години туку и на постарите модели. Кога е ограничена понудата, расте побарувачката и за постари модели, и тоа ја подигнува цената.

Трендот е јасен – опсегот на користени автомобили, особено популарните модели на бензин и на дизел, ќе се намалува, а цените ќе продолжат да растат.

(А.С.)