И покрај „Рекетот“, не мирува метлата на Заев

330

По првиот бран разрешувања на директори и членови на управни одбори во државните и јавните претпријатија пред една недела, сè уште не се знае кој ќе ги замени. Единствено се знае дека Васко Ковачевски е нов генерален директор на АД ЕСМ.

Владата на 17 овој месец донесе одлука да разреши и да отповика или да препорача разрешување или отповикување на 70-ина директори на државни институции и компании и членови на совети и на управи. На оваа седница  Владата му препорача на надзорниот одбор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, да биде избран за нов директор на местото на Драган Миновски.

Надзорниот одбор на АД Електрани на Северна Македонија го назначи  Ковачевски за претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ.  Ковачевски на оваа функција доаѓа од местото директор на РЕК Битола, најголемата подружница на АД ЕСМ и најголем производител на електрична енергија во земјава. Нов директор на РЕК Битола ќе биде назначен од страна на Управниот одбор на АД ЕСМ.

 

Претходно  премиерот Зоран Заев ги најави смените, а покрај ЕСМ, разрешени се директорите на МЕПСО, Сашо Василевски, Македонија пат, Гајур Кадриу, Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ, Драмски театар, Викторија Рангелова, МАЛМЕД, Ќахил Ибраими,  на Архивот, Кирил Петров… Македонски железници – Транспорт досега го предводеше Ирфан Асани, Биро за јавни набавки беше раководено од Бардуљ Насуфи, додека Вулнет Адеми, Гајур Кадриу и Ваљон Беља беа директори на Агенција за странски инвестиции, Македонија пат и ЈЗУ ГАК.

Откако премиерот минатата недела најави промена на десетици управители, нивни заменици и членови на одбори, интегративците на Али Ахмети договорија нови шест имиња на директори предложени од страна на ДУИ.

Како што објави Алсат, за Македонски железници инфраструктура се предлага Фестим Халили, Биро за јавни набавки, Елвадина Дика, Агенција за странски инвестиции, Арбен Вила; Македонија пат – Армир Садику; Клиника за гинекологија, Ајрула Мустафа и Банка за обнова и развој, Фарук Исмаили.