Пејачката и водителка Јулија Мациевска на социјалните мрежи и го честиташе роденденот на нејзината ќерка Андријана. Но, оваа објава не беше вообичаена роденденска порака туку емотивна и оптимистичка бидејќи Андријана боледува од канцер.

– И ова утро, сонце мајкино, започнува со помислата на тебе… ќе го славиме твојот ден, твојот роденден, кој ти е дар од бога. Денот кој ме потсеќа на мојот најголем подарок од бога, кога првпат го слушнав твојот плач, кога првпат те здогледав и се одушевив од моето бебе. Овој роденден се разликува од сите досега, зашто си ставена на големо искушение, а и ние со тебе, сонце наше. Ни претстои битка за која знам дека ќе ја изодиме, за која знам дека ќе победиме, како и многу пати досега. Ти нежна, ранлива, никогаш прегласна, никогаш наметлива, во својот свет… секогаш со разбирање и трпеливост за сите, секогаш спремна да голтне, никогаш да не повреди, никогаш да каже лош збор… Ти, сонце мое, и сега кога ги трпиш најголемите болки, велиш – ќе биде добро, ќе помине… свесна, присебна… велиш дури сега се соочив со стравот, дури сега го осеќам божјото водство и знам дека ова е за мое најголемо добро… Ќе се спријателам со канцерот и потоа ќе се поздравиме, како најдобри пријатели и ќе продолжиме секој по својот пат…  Љубов моја, нема да пишувам фермани, жалопојки, зашто доста испативме, но да ти ветам нешто малку е…ти знаеш, јас знам и те гледам како победник. Те сакаме со сето срце, јас и Стеф, пишува Јулија.

Потоа им упати благодарност до сите оние кои и дале поддршка, па им посака да бидат благословени од бога со љубов, здравје, радост и среќа.

– Прекрасни мои пријатели од бога дадени, моето срце ви е бескрајно благодарно, се чувствуваме благословено, јас и моето мало семејство – нашето Свето Тројство што испративте толку многу љубов, убави желби, поддршка за роденденот на мојата Андријана. Бескрајна благодарност на секој човек што ни се најде на патот. Јас и моето малечко семејство немаме зборови со кои можеме да ја искажеме благодарноста, затоа бидете ми благословени од бога со здравје, љубов, изобилство, радост и среќа. Благодарам толку многу, толку многу подадени раце, срца и енергија, додаде таа.