И покрај болеста, Илија не се предава, животот мора да продолжи

609

Сите негови животни искушенија и животните искушенија воопшто, се преточени во расказите и песните собрани во неговата книга „Искушенија“. Оваа негова книга е издадена благодарение на финансиската помош од Општина Бутел.

– Тоа се искушенијата во мојот живот, мојата јачина да ги издржам притисоците со кои се соочував. Кога бев разочаран и повреден од некого, седнував и го запишував тоа. Така се смирував – вели Саздовски

 

Болеста може да го „клекне“ човека на колена, да го натера да се откаже од многу нешта, но кај некои, пак, е поттик да продолжат да се борат и да докажат дека животот и, покрај пречките, мора да продолжи понатаму.

Токму таков е храбриот педесетгодишен Илија Саздовски, кој и покрај епилепсијата со која се соочува од детството и која му создава тешкотии во животот, не се предава.

– Се родив како натпросечно интелигентно дете, но тоа го донесе мојот проблем зашто токму поради тоа, добив епилепсија, која ми го смени животот. Тогаш се роди новиот Илија, кој ги засака медицината и уметноста, две работи кои ме исполнуваат. Бев сопиран во сè, но не се предавав – вели тој.

Сите негови животни искушенија и животните искушенија воопшто, се преточени во расказите и песните собрани во неговата книга „Искушенија“.

Оваа негова книга е издадена благодарение на финансиската помош од Општина Бутел.

– Општина Бутел ми помогна да ја издадам книгата. Барав инвеститор кој би се заложил да ми помогне во издавањето, но единствено градоначалникот Дарко Костовски ми излезе во пресрет – вели Саздовски и додава дека тоа е книга за неговиот живот.

– Тоа се искушенијата во мојот живот, мојата јачина да ги издржам притисоците со кои се соочував. Кога бев разочаран и повреден од некого, седнував и го запишував тоа. Така се смирував – вели Саздовски.

Книгата, како што вели тој, му ја посветува на својот вујко Славе Андев, кој му бил идол, а починал пред две години.

Неговата животна приказна е трогателна, но воедно и поучна дека за сè треба да се има верба и трпение, бидејќи само тогаш може да се постигне нешто.

Илија сега живее во Радишани. Болеста ја носи со себе од својата деветгодишна возраст, кога требало да прескокне, наместо во трето, во четврто одделение.

– Училиштето не можеше да утврди за прескокнувањето на одделението. Требаше да одлучи лекарска екипа. Децата со кои учев мислеа дека ќе умрам, бидејќи бев во болница поради тоа. Кога дојде да ме види мајка ми, јас ја прашав дали ќе умрам, а докторката се одзва со зборовите: „Еден ден сите ќе умреме“. Овие зборови и ден-денес длабоко одѕвонуваат во мене, бидејќи тоа, според мене, значеше дека јас тогаш ќе умрам. Тоа остави длабока траума кај мене и мислам дека оттогаш почнаа моите животни искушенија предизвикани од епилепсијата што ја добив по тоа – раскажува Саздовски.

Основното образование го завршил во ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани, каде што сега и живее, а го продолжил во средното трговско училиште. Се надградува полагајќи курс за терапевт масер по кинезитерапија за мускулатура и нервен систем.

Благодарение на својата мајка која работела во „Охис“, тој се вработил таму во 2001 година и останал 11 години, а потоа продолжил како физиотерапевт во специјалистичка ординација. Од 2011 година е без работа поради својата болест.

– Кога одам на интервјуа и кога им кажувам за мојата состојба, веднаш ми кажуваат дека ќе ми се јават, и ги нема никаде. Се обидував три-четири години. Се јавував во која било ординација, но ми одговараа дека тоа било само за жени – вели Саздовски.

И токму сите негови разочарувања, повредувања во животот се преточени во стихови и раскази. Вели дека сака да пишува уште од дете. Има материјал за уште две книги, а книгата „Искушенија“ ја сублимирал за време на короната.

Негова втора страст, покрај пишувањето, е уметноста. Тој рачно изработува уметнички дела со бакарни жици. Тоа го прави од својата 17. година.

– Тоа го видов кај мојот братучед. Потоа сам се усовршував. Прво ја цртам сликата со молив. По линиите се коваат мали ситни шајчиња. Откако ќе се заковаат, сликата се бои, а потоа се плете со бакарна жица. Се почнува од едно место и се завршува на тоа место. Бакарната жица никаде не се сече. Потребни се трпение и смиреност – опишува Саздовски и додава дека сликите ги прави по нарачка, но интересот, како што вели, кај нас за вакво нешто не е голем.

Една таква слика – рачно изработен лав тој му подари на градоначалникот Костовски со зборовите: „Лавот е храбар исто како и пишаниот збор, не се плашат од ништо“.

(А.П.)