Без оглед дали книги ќе читате дома, или, пак, можеби во своите викенд куќи, се надеваме дека предложениов избор од македонските реномирани издавачки куќи ќе ви помогне да минете попријатни моменти во ова, по многу нешта “необично“ лето…    

Иако почетокот на летотот календарски се ближи, сепак, повеќе од јасно е дека тоа по многу нешта ќе се разликува од претходните години. Со јунското повторно зголемување на позитивните случаи со ковид -19 во нашата земја сè уште е неизвесно кога и кон кои земји ќе ни бидат отворени границите и дали воопшто оваа година ќе може да се посетат домашните и странски летни дестинации. Иако секоја година културната рубрика на весникот „Вечер“ на своите читатели им нуди избор од богата литература од македонските реномирани издавачки куќи, а која секој ќе може да ја понесе “на плажа“, ова лето издавачите понудија по неколу свои наслови со кои се надеваме дека ќе се задоволат вкусовите во периодов кој секако ќе ни ја смени вообичаената летна рутина. Без оглед дали книгите ќе ги читате дома, или, пак, можеби во своите викенд куќи, се надеваме дека предложениов избор ќе ви помогне да минете попријатни моменти во ова, по многу нешта “необично“ лето…

Книги стари неколку илјади години…

Издавачката куќа „Македоника литера“ за читателите ова лето предлага повеќе книги од богатата кинеска литература. „Кинеската литература е голема, разновидна и богата, почнувајќи од класичната кинеска филозофија и книгите стари неколку илјади години, па до современата белетристика, но кај нас досега беше недоволно објавувана и читана. Токму затоа кинеските се меѓу нашите најчитани и најбарани книги, а каталогот на ‘Македоника литера’ содржи  жанровски разновидна литература, книги со високи вредности, а во македонското издаваштво сме препознатливи и по ниските цени“, велат за весникот „Вечер“ од „Македоника литера“.

Оттаму ги предлагаат „Мудроста на Конфучиј (Научете да бидете врвен лидер)“ од Каспер Ших; „Така зборуваше Лао Це (Тао Те Кинг – нов превод со коментари)“ од Чарлс Ќ. Ву; „Адам и Ева“ од Ливиу Ребреану; расказите „За жените“ од најпознатото име на ’женското писмо‘ во кинеската литература на 20 век Бин Синг; серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ која содржи 13 книги антологиски избори од прозното творештво на најпознатите кинески писатели за деца, но и „Во време на епидемија“ од Паоло Џордано.

„Летово нема сосема да ја заборавиме ситуацијата со новиот корона вирус. Есеизирани и луцидни приказни од карантинската епизода на познатиот италијански писател Џордано е книга која преку ноќ стана светски хит“, додават од „Македоника литера“.

Од „Или-или“, пак, посочуваат дека ова лето очекуваат најголем интерес за романот „Смоква“ од Горан Војновиќ, потоа за добитникот на Европската награда за литература Петар Андоновски со романот „Страв од варвари“, како и за романот „На осамениот брег покрај морето“ од Зоран Фериќ кој ќе нè врати во некои минати времиња од летувањата на Јадран во 70-тите и 80-тите години од минатиот век. „Но не мора единствено прозата да биде привлечна за читателите, тука се и прекрасните книги есеи ‘Едно лето со Бодлер’ и ‘Едно лето со Монтењ’ од Антоан Компањон“, велат од „Или-или“.

Летен фестивал, попусти и акции…

И Бојан Саздов од „Три“ се согласува дека ова лето можеби ќе биде поинакво, но верува дека тоа нема да ги спречи луѓето да продолжат со своите летни читателски навики, а убавите дестинации ќе ги наоѓаат и во книгите. „’Три’ подготвува богата и свежа понуда во рамки на својот ‘Летен фестивал на книгата’ кој ќе започне наскоро – и ќе донесе есклузивни дела од големи имиња како Вуди Ален, Харуки Мураками, Фредерик Бегбеде, Нил Гејман, Малком Гладвел и некои од најактуелните наслови од светската книжевност – ‘Образована’ од Тара Вестовер, ‘Американска прашина’ од Џенин Каминс, ‘Еден од нас лаже’ од Карен М. Мекманус“, истакнува Саздов.

Од оваа издавачка куќа ги препорачуваат и опусот на Јувал Ноа Харари – „Хомо Сапиенс“, „Хомо Деус“ и „21 лекција за 21 век“, потоа „Моќта на самодовербата“ од Брајан Трејси, „Твојот втор живот“ од Рафаела Жордано, „Жената со црвениот бележник“ од Антоан Лорен, „Намести си го креветот“ од Вилијам Х. Мекрејвен, „Чудесното утро“ од Хал Елрод, „Будење на свеста“ од Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ, „Бидете опседнати или бидете просечни“ од Грант Кардон, „Славната инвазија на мечките од Сицилија“ од Дино Буцати.

Издавачката куќа „Антолог“, пак, со почетокот на летото за своите читатели, има подготвено повеќе изненадувања. „Во тек е акција со 20% попуст на сите изданија на ‘Антолог’ во 20 града низ Македонија, а до крајот на јуни секој што ќе дојде со велосипед во нашите книжарници во Скопје во петок и сабота ќе добие дополнителен попуст од 10%“, истакнуваат оттаму од каде велат дека читателите секогаш најмногу бараат трилери, па затоа нивна препорака е „Убиства со монограм“ на Софи Хана, „Убиствата на Алиса“ и „Заветот на коските“ – продолженија на на Оксфордската трилогија на Гиљермо Мартинес и Бастанската на Долорес Редондо, потоа „Повикот на кукавицата“ од авторката на Хари Потер, која започнува своја трилерска приказна под машкиот псевдоним Роберт Галбрајт, „Мојата сестра, сериски убиец“ – најдобар трилер за 2019 година на „ЛА тајмс“, како и „Деца на злото“ – маестрална политичко-крими приказна која ја разбранува соседна Србија.

Од „Антолог“ ги препорачуваат и Софија Лундберј со „Црвениот адресар“ и „Прашалникот е половина срце“, новите изданија од Фредрик Бакман, македонските автори Анде Јанков, Денис Бојаров, Дијана Петрова, серијалот на Хедвиг Монтгомери со совети за воспитување на децата, Елизабет Гилберт со историската фикција „Град на девојки“, бестселерот „Јади, моли се, вљуби се“.

 

Без класично лето, но со светски и македонски класици

И „Полица“ со сличен став дека оваа година веројатно нема да имаме класично лето и со малку шанси да се релаксираме со книга на плажа. „Сепак секогаш може да одвоиме време за читање, а ‘Полица’ се потруди на читателите да им понуди нешто што ќе ги привлече да посветат неколку часа во денот во друштво на добра книга. Веќе од следната недела од печат ќе излезе романот на Сара Хејвуд ‘Кактус’, приказна за неконвенционалниот пат на една жена да ја најде љубовта. На читателите им нудиме интересни изданија од македонски автори, како книгата ‘Вагон-ресторан’ на Лилјана Дирјан, која претставуваат колаж од патепис, поетска проза, автобиографски записи, еден вид водич низ земји, вкусови, мириси, бои кои читателот го носат на места каде никогаш не бил, а му дава чувство како да е дел од секое патување на авторката. Ја препорачуваме и ‘Највисокото дно’ на младата авторка Марија Митева, за љубителите на поезијата- новата стихозбирка на Исток Ј. Улчар, како и продолжението на ‘Како да бидеш Парижанка’, насловено ‘Постара, но подобра’, во кое парижанките на својот карактеристичен начин ни кажуваат како се справуваат со старењеето, без да изгубат од својот препознатлив шарм“, велат оттаму.

За издавачот „Арс Ламина“, претстојното лето, кое веројатно ќе биде поинакво поради актуелната пандемија на корона вирусот, книгите ќе бидат идеална придружба, со која ќе заминете на најинтересни патувања, без притоа да ја напуштите безбедноста на својот дом. Од нивната богата понуда тие ги издвојуваат бестселерите: „Прашај ме повторно, ќе ти речам ’да’“ од Мери Бет Кин, „Што направи?!“ од Клер Мекгован, „Разделба“ од Силвија Араси, „Мојата прекрасна сопруга“ од Саманта Даунинг, „Дејзи Џонс енд Д сикс“ од Тејлор Џенкинс Рејд, „Лето како во ’Мама миа‘“ од Ени Робертсон, „Другиот Ајнштајн“ од Мари Бенедикт, „Анонимна девојка“ од Грир Хендрикс и Сара Пеканен како и второто издание на „Исповеди“ од најпродаваната авторка на „Њујорк тајмс“, Колин Хувер.

„Летото е иделно да им се навратиме на македонските книжевни класици, а тоа најдобро може да се направи со новите, ексклузивни изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска“, велат оттаму и ги препорачуваат „Тунел“, „Боемите“/„Пофалби и поплаки“ (во едно издание), „Бежанци“/„Јазли“ (во едно издание), „Лакримариј“, „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. А бидејќи започна летниот распуст, од оваа издавачка куќа ги посочуваат и лектирите за основно образование „Лесно читливи лектири“ во која има 45 наслови, кои вклучително се и за децата со дислексија. Меѓу нив е и „Хари Потер и Каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг.

Наташа Илиевска – Таневски