И ние сме способни за светски висококвалитетна наука, но нашата држава дигнала раце од неа!

216

Академик Леонид Грчев е еден од шестемина македонски научници кои се најдоа на листата на топ 2% најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области, публикувана од Станфорд Универзитетот од УСА за 2020 година. Во врвните 2% научници, издвоени од повеќе од 7 милиони научници во светот, се и претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, професорите Валентин Мирчески од Институт за Хемија, Рубин Гулабоски од Медицински факултет од УГД, како и пензионираните професори од Институт за Хемија, Иван Грозданов и Трајче Стафилов, а на листата е и професор Ратко Јанев, член на МАНУ, кој за жал почина пред една година.

Ова високо признание покажува дека и ние сме способни за светски висококвалитетна наука, во која резултатите се објавуваат во светските врвни научни списанија. Но, како што вели академик Грчев, во овој случај се работи за поединечни успеси, зад кои не стои систем.

-Тоа покажува дека нашата држава дигнала раце од науката. Она што се вложува во науката, може да се каже дека е ништо. Кај нас веќе 15 години нема државно-финансирани научни проекти, скоро да нема ни меѓудржавни. Го нема она што секој студент го има во развиениот свет, а тоа е пристап до електронска база на статии во научни списанија. Овде тоа го нема никој, изјави за весникот ВЕЧЕР, академик Грчев. Нашиот соговорник, кој е автор и коавтор на над 300 научни и стручни трудови, цитирани неколку илјади пати (според Гугл од 06.2016 1.750 пати), додава дека би сакал, ова признание да се искористи за повик на акција за спас на нашата наука чија иднина зависи од развојот на младите истражувачи.

-Страшна е ситуацијата со младите истражувачи. Ние имаме високоталентирани млади истражувачи кои од една страна немаат никаква поддршка за научна работа, а од друга не се мотивирани за неа. Новиот закон за високо образование сосем популистички ги намали критериумите за напредување. Сега за напредување во наставничко звање не се потребни висококвалитетни научни резултати, доволна е „неквалитетна“ наука со објавување во списанија каде што сè поминува. Така нашите талентирани млади истражувачи или ќе се утопат во средината и по докторатот нема повеќе да се бават со квалитетна наука, или ќе отидат во странство да ја продолжат научната кариера. Ова признание покажува дека ние располагаме со врвни научници кои можат да ги водат младите истражувачи кон врвни светски научни резултати, но потребно е државата да обезбеди услови. Тоа досега не го видовме, вели академик Грчев за весникот ВЕЧЕР. Повторува, дека ова е огромен успех за македонските научници и за македонската наука, знаејќи дека години наназад не постојат ни минимални услови за наука во Македонија, а годишно од буџетот на Македонија се издвојуваат помалку од 0.1% за наука во последните 15 години.

Листата на најдобрите 2% светски научници за 2020 година е резултат на опсежни анализи на научниците од Станфорд Универзитетот, кој важи за втор најдобар универзитет во светот, за чие формирање се анализирани голем број на релевантни индикатори како што се број на објавени трудови, цитираност, вкупен број на објавени трудови, х-индекс на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување. (Е.А.)