И натаму се крадат дрва и шумата во НП Шар планина исчезнува во пожари

79

Државата ја прогласи Шар Планина за национален парк со цел да ја заштити од уништување, но, очигледно, на некои уво не им чуе за тоа. И натаму се крчми шумата во пожари и од крадци.

Службата за заштита на НП „Шар Планина“ деновиве заплени возило полно со буково огревно дрво. По извршената контрола, констатирано е дека дрвата потекнуваат од бесправна сеча, при што истите се одземени. Инаку, сечењето дрва без обезбедено соодветно одобрување од ЈУНП ШП е кривично дело и ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите.

Денеска во националниот парк се одржа работна стручна средба, при што беше евидентирано значително нарушување на шумскиот ред како последица од шумски пожари на две локации, со проценета вкупна површина од околу 100 хектари.

– Овие пожари не се евидентирани во документите од претходниот управувач со шумските ресурси, ниту досега се преземани какви било мерки за санација на површините. Поради ова, имајќи ги предвид обемот на настанатата штета и предизвикот што стои пред ЈУНП ШП за санирање на оштетената шума, се реализира работна средба, од која ќе се добијат препораки за понатамошно постапување – велат од НП „Шар Планина“.