И Македонија треба да се подготви, иако делта плус сојот кај нас се уште не е детектиран!

НОВИТЕ МУТАЦИИ НА ВИРУСОТ ГО МОБИЛИЗИРАА БАЛКАНОТ

883

Како што појаснува министерот за здравство Венко Филипче, иако кај нас го нема делта плус сојот, има огромен ризик во периодот што следува да имаме нов силен бран и тоа сериозно да ги загрози капацитетите во нашите болници. Министерот по состанокот со претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, појасни дека препораката за вакцинирање важи не само за здравствените работници, туку и за вработените во јавните и во приватните институции. Што се однесува на предлогот ПЦР-тестот работникот кој не е вакциниран да го прави секоја недела на сопствен трошок, Синдикатот побара да биде на трошок на работодавачите. Експресно реагираа од Стопанската комора и ОРМ, кои сметаат дека компаниите не се во можност да го покријат трошокот во услови кога се соочуваат со финансиска криза, поради пандемијата

Засега во Македонија не е дијагностициран делта плус сојот, иако во земјите во регионот е детектиран уште пред неколку недели. Според министерот за здравство Венко Филипче во изминатите две-три недели кај 48 лица се правени анализи и кај ниту еден не е дијагностицирана оваа нова мутација. Но сепак, посочи министерот, има огромен ризик во периодот што следува да имаме нов силен бран и тоа сериозно да ги загрози капацитетите во нашите болници.

Гледаме и од примерите во околните земји дека се хоспитализираат невакцинирани пациенти, што значи дека сега е вистински период граѓаните да сфатат колку е ова битно и во пократко време да се вакцинираат, смета Филипче.

Министерот по состанокот со претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита појасни дека препораката за вакцинирање важи за вработените во јавните и во приватните институции.

Филипче посочил дека на владина седница ќе предложи мерката за работниците во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за имунизација, да важи од моментот на донесување не по 10, туку по 15 дена, со цел да се остават уште неколку денови за едукација на членството во синдикатите. Исто така да бидат дадени два слободни платени денови на денот на вакцинација, но претходно да бидат најавени од работникот. Барање на синдикатите е тие кои не сакаат да се вакцинираат, ПЦР-тестот како алтернатива што треба да се прави секоја недела наместо на сопствен трошок да биде на трошок на работодавачите.

На ова нивно барање експресно реагираа и од Стопанската комора и од Организацијата на работодавачи кои укажуваат дека трошокот за тестовите не смее да падне на товар на компаниите. Тие сметаа дека неприфатливо е трошокот за ПЦР-тестовите на оние што не сакаат да се вакцинираат да го платат работодавачите

-Ако работникот одлучи да се вакцинира, ќе нема никакви трошоци. Во спротивно, ќе треба задолжително да се тестира, но со брзи тестови, а не со ПЦР кој е 10 пати поскап. Ова никако не значи задолжително вакцинирање, ниту каков било притисок во таа насока, туку само задолжително брзо тестирање што е вид превентива. Ако некој не смее да се вакцинира поради здравствената состојба, нема да подлежи ниту на тестирање- објаснува Анета Трајковска од Комората и додаде дека целта на ваквиот предлог е да се обезбеди континуитет на бизнис процесите.

Работодавачите пак велат дека во време кога компаниите се соочуваат со голема неизвесност и се обидуваат да се обезбедат работа и опстанок на што поголем број работни места, предлогот со кој трошокот за тестирање на работниците кои не сакаат да се вакцинираат да падне на товар на работодавачите би претставувал големо и неоправдано дополнително финансиско оптоварување за компаниите.

Што се однесува за специфичната дискусија со претседателот на Синдикатот за здравство, во врска со правниот основ врз основа на кој што може вакцинацијата да биде задолжителна кај здравствените работници, Филипче објасни дека има такви одредби кај правилникот за имунопрофилакса.

-Имајќи ја предвид специфичноста на ситуацијата, има член од тој правилник, врз основа на што ќе биде дефинирана таа задолжителност во следните 30 дена сите здравствени работници да се вакцинираат, објасни Филипче.

Тој се заблагодари за поддршката која ја добил од синдикатите за мерките да се спроведат.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димевски рече дека стојат на нивните барања каде велат да има одложување од тие 15 дена, дека треба да разговараат со нивното членство и да кажат дека јавното здравје е пред се.

– Почнувајќи од мене јас сум вакциниран и не гледам зошто и другите да не се вакцинираат. Како што кажа министерот утре на Влада ќе се разговара по нашиот предлог каде велиме „доколку работникот не може или не сака да се вакцинира тие ПЦР тестови за да може тој да ги врши неговите работни задачи да паднат на товар на работодавачот“ – истакна Димевски.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, рече безбедноста и здравјето на населението го ставиле како главен приоритет и како резултат на тоа вакцинацијата нема алтернатива.

–Што после 30 дена ако се соочиме со тоа наши вработени да не успеат да се вакцинираат во тој рок или ако има непочитување на таа одлука. Тоа треба да го договоривме после тие 30 дена, додаде Каранфиловски.

Тој нема информација колку проценти од работниците во здравството се невакцинирани, но посочи дека во моментов имаме и многу прележани здравствени работници кои имаат антитела и претставуваат заштита за пациентот со кои доаѓаат во контактот.

-Во овој момент сметаме дека ќе биде мала бројката на оние кои до овој момент не се вакцинирани вели д-р Каранфиловски.

Во врска со нивното барање за бесплатен брз антигенски тест или тие кои го прележале вирусот наместо не постара од 45 дена да приложат потврда за шест месеци, рече дека тоа е стручен дел, ќе го одложат неговото елаборирање и ќе им го оставаат на експертите.

(В.Ма.)