И информатичарите си заминуваат од Македонија

За да ги задржиме вработените во ИКТ-секторот во државата потребно е да ги искористиме сите добри практики на другите земји. Освен платата и други фактори влијаат на заминувањето на ИКТ-кадарот од државата. Потребно е да се работи на даночни олеснувања, образованието, преквалификација, доквалификација...

236

Како и другите држави во регионот така и во Македонија не е исклучок во проблемот со недостиг на кадар во ИКТ-секторот. Младите кои работата во овој сектор во потрага по подобри услови и повисоки плати си заминуваат од државата. Поради тоа претставниците од овој сектор на вчерашниот Форум на од надлежните институции побараа стимулира растот на работна сила во овој сектор преку преземање на мерки во областа на социјалните придонеси, даноци, образование, во овој сектор.
Според Александра Чавдаревска, правник во Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, покрај платите голема улога во одлив на ИКТ кадарот во државата имаат и други фактори.
-Сакаме на надлежните институции да им ги предложиме сите можни подобрувања на регулативата во овој сектор. Потребна е поголема либерализација на Законот за работни односи, како и подобрување на даночната регулатива, стимулирање на растот на работна сила. Треба да научиме како да ги задржиме вработените во овој сектор, а за таа цел потребно е да ги искористиме сите добри практики на другите земји. Освен платата и други фактори влијаат на заминувањето на ИКТ кадарот од државата. Потребно е да се работи на даночни олеснувања, образованието, преквалификација, доквалификација. Исто така треба да имаме поголема слобода за основање на компании во овој сектор, истакна Чавдаревска.
Искуствата од Србија и Хрватска исто така говорат дека ситуацијата со недостиг на кадар е слична како во Македонија, но овие земји веќе имаат преземено некои мерки во оваа насока.
Немања Жуниќ, адвокат во ИКТ сектор вели дека во Србија исто така има недостиг на кадар како програмери, така и во услужните дејности кои му помагаат на ИКТ секторот, а најголем проблем им е да пронајдат соодветни правници кои имаат технички способности и познавање на ИТ-индустријата.
-Она за што треба да размислуваат сите земји во регионот е отворање кон некои други држави во светот. Потребно е да видиме како таму се одвиваат работите и како работат младите во ИКТ-секторот, бидејќи миграциите денеска се нормална работа така што кадарот многу лесно може да ни отиде надвор, вели Жуниќ.
Дејан Гостимир, предавач во Загребачката школа за економија и менаџмент вели дека и Хрватска и покрај тоа што е членка на ЕУ исто како Македонија и Србија има проблем со кадар во ИКТ секторот. – Ние доста вложуваме во едукација на вработените и на тој начин се обидуваме да ги задржиме и вработените во ИТ и младите луѓе во Хрватска. Просечната плата во овој сектор во Хрватска е од 1.500 до 2.000 евра, вели Гостимир. (А.С.)