На повидок се тектонски пореметувања во европската кошарка. Неодамна каталонскиот „Мундо Депортиво“ најави големи промени и заминување на првиот човек на Евролигата, Џорџо Бертомеу, а сега пристигнуваат нови информации, и тоа од угледниот шпански весник „Марка“.

Тие најавуваат создавање на ново натпреварување од страна на НБА и ФИБА, а гасење на Евролигата. Сето тоа би можело да се заврши наскоро, а натпреварувањето би можело да започне следната сезона.

  • НБА и ФИБА започнаа преговори за создавање на НБА Европа. Односно, европски дивизии. Преговорите се одвиваат во одлична насока и овој проект многу скоро може да го види светлото на денот, се вели во текстот.

Потоа дополнително објаснуваат за што точно се работи.

  • Дали ова значи дека ќе гледаме натпревар помеѓу Фенербахче и Лејкерс, на пример? Не. Тоа значи дека НБА ќе има контрола врз европската дивизија, како што ја имаат НБА во Африка. Се зависи од НБА, но може да започне следната сезона, се вели во текстот.

Инаку, неколку клубови во Европа, пред се грчките Оломпијакос и Панатинаикос, изразија незадоволство од распределбата на финансии меѓу европските клубови, па на состаноците одржани минатата недела побараа оставка од првиот човек Бартомеу.

Од друга страна, една од главните пречки за „раѓањето“ на НБА Европа, која веќе има свои канцеларии во Лондон, е договорот што во 2015 година го потпишаа евролигашките клубови со спортската мултинационална групација „ИМГ“ на 10 години и 630 милиони евра, договор на кој му остануваат уште три години и од кои клубовите добиваат 60% за телевизиски и маркетиншки права. Од овој договор не смеат да се откажат евролигашите, во спротивно ќе сносат големи парични казни.