Во новите докази што денес првпат се отворија на судењето за Монструм има и лични ставови, мислења, но и предвидувања на соговорниците. Во една од „бомбите“ јавноста денес имаше можност да го чуе гласот на Катерина Најденова, гатачката на поранешниот премиер Никола Груевски, објави мкд.мк

Овој разговор, според податоците на Обвинителството, кое е предлагач на доказите, е направен на 13 април 2012 година во 14 часот. Соговорник на гатачката Најденова во овој разговор е Ленче Самарџиска, секретарка на поранешниот премиер.

Во комуникацијата се слуша како гатачката на секретарката ѝ одговара дека тоа што ќе ѝ го каже во врска со убиените момчиња не е убаво и нема да им се „свиѓа“. Во разговорот ѝ предвидува дека јавноста ќе биде во шок од тоа што ќе излезе на виделина, дека сè ќе се открие и дека, како што вели, пак ќе има „умешано“ некој со униформа.

„Од тоа што ќе излезе на виделина ќе бидеме во шок. Ќе има вмешано униформа пак, ама ќе те чекам Лена, без твоја контрола не можам“, ѝ вели во разговорот Најденова на Самарџиска.

Откако заврши пуштањето на разговорот меѓу двете жени, обвинителката Фатиме Фетаи на присутните во судница им појасни дека едната од нив е гатачка. На ова судијата Огнен Ставрев им се обрати на родителите на убиените момчиња, кои денес беа во судницата, и им рече дека со заеднички сили на судот и обвинителството ќе дојдат до вистината. На ова Фетаи се надоврза дека тоа е нешто што надлежните им го должат на убиените момчиња.

Пред да бидат пуштени бомбите во судница Фетаи појасни дека тие се предадени во судот онака како што ги добиле од премиерот Зоран Заев, дека не се кратени онаму каде што има приватни разговори за да не се добие впечаток дека е направена некаква селекција. Онаму каде што има лични и приватни разговори со одлука на судот јавноста излегуваше надвор од судница. Во конкретниот случај тоа беше направено за еден разговор помеѓу новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Орце Камчев.

Во дел од овој разговор меѓу Трајковска и Камчев, направен на 1 мај 2012 година, Камчев ја известува новинарката дека „треба да му честита на телефонистот бидејќи биле собрани 26 души, сите од Скопје“.

Камчев во разговорот дополнува дека по убиството тие останале тука, дека сѐ било организирано направено да се погоди да биде за Велигден, на што новинарката Трајковска реагира со изненадување и двајцата констатираат дека е глупост што сторителите не ја запалиле колата за да ги уништат доказите и за да бидат сигурни дека нема да остават траги, објави мкд.мк

Во уште еден разговор меѓу истите лица тие зборуваат дека убиството е расчистено релативно брзо. Во овој разговор Камчев ѝ вели на Трајковска дека оние што пукале во жртвите се професионалци, кои од 30 метри го погодиле рибарот, најверојатно додека се пакувал за да си замине. Камчев дополнува дека тоа се лица што биле во Авганистан и вели дека не се луѓе туку се „стока“. Трајковска на ова му возвраќа дека не е важно кога надлежните ќе го соопштат расчистувањето на случајот пред новинарите, туку важно е да обезбедат несоборливи докази за натамошниот тек на постапката, пишува мкд.мк