И во 2022 година ќе може да летуваме со ланските ваучери

Туристичките агенции нудат можност ланските ваучери да се искористат за летување во 2022 година. И покрај тоа што Министерството за економија официјално не го продолжи рокот за неискористените ваучери, не ја исклучи можноста туристичките агенции тоа да го направат во договор со своите клиенти. Од агенциите велат дека граѓаните кои досега не ги искористиле ваучерите кои им беа дадени за уплатените аранжмани за 2020 година, останува можноста истите да ги пренаменат за летување за наредното лето со тоа што ќе мора да се јават во агенцијата пред истекот на рокот, односно пред 31. 12. 2021 година, и да ги активираат

208

Граѓаните кои не ги искористија ваучерите кои ги добија од туристичките агенции за откажаните аранжмани во 2020 година истите ќе можат да ги искористат за летување во 2022 година. Рокот за искористување на ваучерите според Уредба на Владата истекува до крајот на годината, но туристичките агенции им дадоа можност на клиентите нереализираните ваучери да ги да ги искористат во текот на следната година, бидејќи не можат да им ги вратат парите. И покрај тоа што Министерството за економија официјално не го продолжи рокот за неискористените ваучери, не ја исклучи можноста туристичките агенции тоа да го направат во договор со своите клиенти.

Од туристичките агенции велат дека ваучерите на граѓаните нема да им пропаднат и оти истите може да ги искористат до крајот на наредната година. И покрај тоа што голем дел од ваучерите кои беа издадени во 2020 година веќе се искористени, од агенциите велат дека останатите можат да се искористат за некој од новогодишните туристички аранжмани или за „ран букинг“ за летување за 2022 година.

– Ланските ваучери граѓаните можат да ги искористат за зимување, за новогодишни аранжмани, за туристички тури кои ги има во понудата на агенцијата која го издала ваучерот. Има повеќе опции и повеќе дестинации каде што агенцијата има понуди со сопствен закуп. Останува можноста ваучерите да ги пренаменат за летување за наредното лето со тоа што ќе мора да се јават во агенцијата пред истекот на рокот, односно пред 31. 12. 2021 година и да ги активираат. Ако сумата на која гласи ваучерот е пониска од аранжманот клиентот ќе треба да го доплати само остатокот, велат за ВЕЧЕР од туристичката агенција ЈК „Травел“.

Голем дел од агенциите веќе имаат понуди за лето 2022 година и граѓаните можат да ги искористат ваучерите за „ран букинг“ за наредното лето. Секако останува можноста за избор на дестинација, односно ако ваучерот е уплатен за Грција да се искористи на пример за Албанија, за Црна Гора или за некоја друга летна дестинација…

-Голем интерес има за Истанбул, освен вообичаените тридневни и петдневни тури се прават резервации и за дочек на Нова година. Секако големо влијание врз одлуката е и можноста во Турција да се патува без сертификат за вакцинација, односно само со ПЦР-тест. Има интерес и за патување во регионот, како и во Македонија, а особено за зимските туристички центри, Маврово, Попова Шапка, Пелистер…, велат од ЈК „Травел“.

Од агенциите уште еднаш потврдија дека нема да враќаат пари, бидејќи тие се дадени за закуп на приватни хотели или на апартмани во Грција со кои соработуваат.

(А.С.)