Со Акцискиот план кој е усвоен од струшките советници, утврдени се и рокови за активностите кои треба да бидат спроведени согласно препораките на УНЕСКО. Со оглед дека Струга сè уште нема регистар на бесправно изградени објекти, деталниот попис со утврдување на вкупен број на сите постоечки бесправни градби, што е во надлежност на општинскиот сектор за урбанизам, треба да биде направен до октомври 2019 година, до кога е и рокот за отстранување на палми и големи билборди во заштитениот појас…

По Охрид и во Општина Струга е изгласана одлуката за забрана на градежни активности. Според претседателот на Советот на Општина Струга, Ресул Каба, советниците го изгласаа и акциониот план кој предвидува мерки за спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион и одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистичките планови, како и утврдување на статусот на бесправно изградените објекти.

Имено, со Акцискиот план кој вчера беше презентиран пред струшките советници, утврдени се и рокови за активностите кои треба да бидат спроведени, па така со оглед дека Струга сè уште нема регистар на бесправно изградени објекти, деталниот попис со утврдување на вкупен број на сите постоечки бесправни градби, што е во надлежност на општинскиот сектор за урбанизам, треба да биде направен до октомври 2019 година.

Дотогаш е и рокот за отстранување на палмите (како неавтохтони растенија) и големите билборди?! Оценката за влијанието на бесправните градби врз културното наследство и врз природното наследство, пак, кое е во надлежност на Општината, но и на Владата и на ресорните министерства, треба да биде изработена најдоцна до јуни 2021, по што би се извршило и отстранување на бесправните градби за кои се смета дека влијаат негативно врз исклучителните универзални вредности на доброто.

Акциониот план ги опфаќа и најгорливите проблеми со кои изминативе години се соочуваше Струга, па така, целосно затворање на градската депонија е планирано до средината на 2020-та до изградба на регионалната депонија, а чистењето на сите диви депонии е со рок до крајот на 2020.

 

Акциониот план на Струга го опфаќа и враќањето на нелегално изградените плажи на потегот од Струга до Калишта од заштитениот појас во првобитна состојба, што пак, треба да се случи до мај 2020-та.

 

Општината Охрид акцискиот план, според препораките на УНЕСКО, како и мораториумот за градење ги донесе пред седум дена.

Од невладините организации во Охрид и понатаму сметаат дека само се купува време, и дека за Охридскиот регион единственото решение е тој да биде ставен на листата на загрозено културно наследство.

“Искрено, немаме никакви очекувања. Овој апсурд не веруваме дека локалната власт сама ниту има капацитет ниту можност да го спроведе без поширока поддршка, која сигурно не треба да е само декларативна и во име на партиски интерес. Мораториум на целото подрачје е најголема глупост… граѓаните кои не се во заштитеното подрачје се и тоа како оштетени“, сметаат од невладината организација Совест од Охрид.