Во моментов, во киното Милениум се прикажуваат адреналинската германска трилер-драма „Разврска“, македонскиот „Хомо“ во режија на Игор Иванов-Изи, акциониот трилер „Портирот“ на јапонскиот режисер Рјухеј Китамура, со француската ѕвезда Жан Рено, како и анимираниот „Тролови: Светска турнеја“. На репертоарот на „Синеплекс“, пак, се дел од веќе споменатите наслови како и акциониот блокбастер „Тенет“ во режија на Кристофер Нолан, американската комедија „Војна со дедо“ во која главната улога ја толкува Роберт де Ниро…

„Од почетокот на пандемијата, па до денес, има преку 100 милиони посети на кината ширум светот, и во ниедно од нив, не е забележано ширење или заразување на вирусот Ковид-19. Водечкиот онлајн-блог посветен на глобалното работење на кино-индустријата и филмската индустрија, Celluloid Junkie, објави анализа која укажува дека во време на пандемија на вирусот Ковид-19, кината се покажале како безбедни места“, велат од компанијата „Синеплекс“.

Опсежната студија која ја спровеле, со активно следење на пандемијата, открила дека ниедно избивање на зараза на Ковид 19 никаде во светот не може да се поврзе со кино-салите или местата со јавни проекции.

„Истражувајќи дали кината се извор на зараза или ширење на вирусот блогот користел палета на различни алатки, меѓу кои и комуникација со преку 1000 кино-ланци, и постојан контакт со сите национални и глобални здруженија, асоцијации и федерации на кино-прикажувачи. Студиите потврдуваат дека немало пренос во земјите во кои кината никогаш не беа затворени. Студија спроведена во Берлин, пак, покажа дека ако во кино ги дишиме само издишените аеросоли, дури и во случај на екстремно долг филм, сѐ уште можноста да се зарази некој е далеку помала, споредено со канцеларија во која активно се зборува. Студијата укажува дека ова е поврзано и со видот на вентилација кој е присутен во кино-салите“, посочуваат од „Синеплекс“ истакнувајќи дека сепак важно е да се напомене дека иако кината претставуваат релативно низок ризик за пренос на вирусот, тоа не значи дека ризикот воопшто не постои.

„Др. Џојс Санчез, специјалист за инфективни болести од медицинскиот колеџ Висконсин, напоменува во својата студија дека не постои ниедна литература било каде во светот која покажува дека кината се места за вирална трансмисија. Ниту два месеци по нејзиното објавување, ситуацијата не се променила. Др. Роберт Лахита, професор по медицина на медицинскиот колеџ во Њујорк, изјавува дека смета дека сме дури 95% безбедни во кината, кои ги почитуваат сите епидемиолошки мерки“, се додава од „Синеплекс“.

Инаку, како што е познато, повеќе од 90 проценти од кината во светот не работеа во текот на првата половина на 2020 година, а во нашата земја тие се затворија во првата половина на март. Некои кино-сали беа принудени да затворат заради недостаток од премиери на холивудски блокбастери, некои, пак, заради мерките на владите во своите држави. По речиси шест и пол месеци во Македонија, почнувајќи од 24 септември кината добија дозвола за работа, под посебни протоколи донесени од Владата и Комисијата за заразни болести. Мерките вклучуваат: работење со 30проценти од капацитетот на салите, физичка дистанца меѓу седишта од 1,5 метри, купување билети онлајн каде е можно, а таму каде што не е, обезбедена дистанца меѓу посетителите при купување билети, евидентирање на посетителите со лични податоци, носење на заштитна маска во текот на целата посета во киното и редовно дезинфицирање во тоалетите, салите и фоајето на киното.

Кино салите на компанијата „Синеплекс“, киното „Милениум“ кое е во рамки на Младинскиот културен центар, како и Кинотеката од повторното отворање работат согласно овие протоколи, и со редовен репертоар. Поединците кои ќе одлучат да посетат некоја од киносалите во Скопје, можат да уживаат во проекциите на повеќе американски блокбастери, европски остварувања, но и македонски филмови.

Во моментов, во киното Милениум се прикажуваат адреналинската германска трилер-драма „Разврска“, македонскиот „Хомо“ во режија на Игор Иванов-Изи, акциониот трилер „Портирот“ на јапонскиот режисер Рјухеј Китамура, со француската ѕвезда Жан Рено, како и анимираниот „Тролови: Светска турнеја“.

На репертоарот на „Синеплекс“, пак, се дел од веќе споменатите наслови како и акциониот блокбастер „Тенет“ во режија на Кристофер Нолан, американската комедија „Војна со дедо“ во која главната улога ја толкува Роберт де Ниро, шпанскиот хорор „Станот 32“, белгиско-францускиот трилер „Преведувачите“, руската биографска драма „Стрељцов“ и шпанскиот криминалистички трилер „Тишината на белиот град“. Во Кинотеката, пак, освен актуелните остварувања кои можат да се погледнат, таа секојдневно на програмата нуди различен филм за љубителите на филмската уметност.  (Н.И.Т.)