Шефот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер предупреди на опасност од нова голема војна. Тој во емисијата „Велтшпигел“ на германскиот јавен сервис АРД истакна дека тој што сака да ја заштити климата мора да се погрижи да нема нови војни.

Ишингер додаде дека актуелната ситуација е многу опасна бидејќи владее целосен недостиг на доверба и нема контрола на вооружувањето.

– Советот за безбедност на Обединети нации често е блокиран, а и другите институции не функционираат доволно добро, бидејќи секаде во светот некој мисли дека може сопствените цели да ги реализира самостојно. Овој проблем го погодува и НАТО. Всушност загрозена иднината на Западот, посочи Ишингер при што прашувајќи дали „Се уште постои Западот“?

Тој оцени дека на утрешниот Самит на НАТО ќе има само симболички акт по повод прославата за 70 години постоење на Алијансата.

– Нема да има никакви големи одлуки, но многу експерти ќе укажат на актуелната состојба на воениот сојуз, посочи Ишингер.

Тој потенцира дека мора да се постави прашањето дали со текот на времето се менуваат целите и методите.

– Така НАТО не е подготвен за судир со Кина односно и ден денешен е фокусиран на Русија. Меѓутоа, драстично е сменет погледот на Кина. Пред неколку години во Германија на Кина се гледаше како на одличен пазар за извоз, денес стана глобално-политички играч, посочи Ишингер.