Итни средби со Ковачевски и Меџити, бара Самостојниот синдикат за здравство

37

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита како потписник на Гранковиот колективен договор за здравствената дејност што опфаќа 15.000 вработени, реагира на изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи во синоќешното гостување во „Тема на денот“ на телевизија „Сител“, за непотпишување на Анексот за иземување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност со што треба да се зголемат платите на вработените во дејноста, а за што, како што наведуваат, се водат преговори од октомври минатата година со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Самостојниот синдикат денеска побара итни средби со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити. Доколку тие не се реализираат до крајот на оваа недела, в петок ќе се одржи седница на Советот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ каде ќе се донесе одлука за натамошни порадикални активности.

Во врска со барањето на Синдикатот на Клинички да се потпише договорот за поголеми плати до петок или ќе се активираат протестите, Битиќи во синоќешната емисија изјави дека тоа тешко оти ќе се случи.

– Ние инсистираме на општ колективен договор, кој ќе ги опфати сите во јавниот сектор, а понатаму да се дефинираат гранковите колективни договори. Избрзувањето да добиеме, што може да добиеме, не е решение. Ние покажавме дека подобро е да се дискутира, да има дијалог, оти решенијата кои ги наоѓаме се поодржливи. Тоа што го направивме со минималната плата е доволен доказ дека ако се преговара за да се најде одржливо решение, тоа ќе се најде, додаде Битиќи.