Италија соопшти: Тројно зголемување на средствата за заштита на климата, на 1,4 милијарди долари годишно

30

Италијанскиот премиер Марио Драги денеска изјави дека неговата земја тројно ќе ги зголеми средствата за земјите во развој во борбата против климатските промени и ќе издвојува по 1,4 милијарди долари годишно во следните пет години.

Драги тоа го најави на крајот од Самитот на Г-20 во Рим.

Парите се придонес на Италија во фондот од 100 милијарди долари годишно што богатите земји заеднички го ветија во 2009 година, но сè уште не го исполниле, за да им се помогне на земјите во развој да се префрлат на извори на енергија со ниска содржина на јаглерод и да се прилагодат на последиците од климатските промени.

Според конечното соопштение на Самитот, Г-20 ги потврди своите претходни обврски да дава 100 милијарди долари годишно на неразвиените земји и вети дека ќе го зголеми финансирањето.

Во извештајот на ОН објавен минатата недела се проценува дека богатите земји нема да можат да ги исполнат преземените обврски уште неколку години.