Италија подготвува драконски казни: До 100.000 евра за користење странски зборови во официјална комуникација

265
Фото: EPA-EFE

Италијанците кои користат англиски и други странски зборови во официјалната комуникација би можеле да се соочат со казни до 100.000 евра според новиот закон воведен од партијата „Браќата на Италија“ на премиерката Џорџа Мелони.

Фабио Рампели, член на Долниот дом на пратениците, го претстави законот поддржан од премиерката. Иако законот ги опфаќа сите странски јазици, тој конкретно ја таргетира „англоманија“ или употребата на англиски зборови, за кои нацртот вели дека „го понижува и мрази“ италијанскиот јазик, додавајќи оти е уште полошо бидејќи Велика Британија повеќе не е дел од Европската унија. Предлог-законот, кој допрва треба да се расправа во парламентот, бара секој кој има функција во јавната администрација да има „писмено и усно познавање и владееење на италијанскиот јазик“.

Тој, исто така, забранува употреба на англиски јазик во официјалната документација, вклучувајќи „акроними и називи“ на работните улоги во компаниите кои работат во земјата. Странските субјекти ќе мора да имаат изданија на своите интерни прописи и договори за вработување на италијански јазик, според нацрт-законот кој е доставен на увид до СиЕнЕн.

„Не се работи само за мода, бидејќи модата поминува, туку ‘англоманта’ има последици за целото општество“, се наведува во предлог-законот.

Првиот член од законот гарантира дека дури и во канцелариите кои работат со странци кои не зборуваат италијански, италијанскиот мора да биде примарен јазик што се користи.

Со членот 2 италијанскиот јазик ќе биде „задолжителен за промоција и користење на јавни добра и услуги на националната територија“. Ако тоа не се почитува може да резултира со парична казна од 5.000 до 100.000 евра.

Според предложениот закон, Министерството за култура би формирало комисија чија надлежност би била „правилна употреба на италијанскиот јазик и неговиот изговор“ во училиштата, медиумите, трговијата и рекламирањето.

Движењето за зачувување на италијанскиот јазик се приклучува и на постојната владина иницијатива за заштита на кујната во земјата. Движењето го поддржа законодавството за забрана на таканаречената синтетичка кујна или кујна заснована на лабораториско производство поради недостаток на научни студии за ефектите на синтетичката храна, како и за „зачувување на наследството на нашата нација и нашето земјоделство врз основа на медитеранската исхрана “, рече министерот за здравство, Орацио Скилачи.

Минатата недела италијанските министри за култура и земјоделство официјално ја номинираа италијанската кујна за статус на светско наследство на УНЕСКО, за што ќе се одлучува во декември 2025 година.