Италија игра за трофејот против цела Англија

39

Се што е убаво има крај, а денеска, околу полноќ, ќе означиме крај и на ЕП 2020 кое вечно ќе го паметиме поради историскиот настап на фудбалската репрезентација на Македонија. Фудбалскиот храм „Вембли“ ќе биде домаќин на финалниот дуел во кој силите ќе одмерат репрезентативците на Италија и Англија (21:00 ч.).

Од една страна ќе бидат „азурите“ кои имаа далеку потежок пат до последниот натпревар, ја елиминираа Белгија и Шпанија, а од другата ќе биде најпривилигираната репрезентација на ЕП 2020, која пет од шестте натпревари ги одигра на домашен терен и која со непостоечки пенал ја доби полуфиналната пресметка против селекцијата на Данска.

„Гордиот Албион“ за првпат ќе игра едно континентално финале, додека Италија по четврти пат ќе се бори за драгоцениот трофеј. „Азурите“ на последните пет меѓусебни дуели забележаа две победи, Англија славеше на еден натпревар, а два завршија без победник.

  • Мора да уживаме, затоа што сме дел од финалниот натпревар. Сепак, мора и да размислуваме околу тоа како да ја прескокнеме последната пречка на патот. Италија има многу добар тим, имаат вистински војници во одбраната, навивачите ќе бидат сведоци на еден фантастичен натпревар. Веќа кажавме дека сакаме целата нација вечно да го памети ова ЕП и до сега успеавме во тоа. Сега мора да ја завршиме започнатата работа. Финалниот натпревар се игра за да се добие, изјави селекторот на Англија, Герет Саутгејт.

Капитенот на Италија, Џорџо Киелини, откри дека и пред почетокот на ЕП бил убеден дека Англија е еден од фаворитите за трофејот.

  • Јас веднаш бев убеден, пред почетокот на ЕП, дека Англија е во игра за трофејот. Доволно се квалитетни, физички се силни и одлично се организирани. Можеби, на прв поглед не даваат впечаток дека толку се добри, но многу се силни. Чекорат по вистинската патека, а на последното СП 2018 беа дел од полуфиналната рунда. Искрено, очекував да бидат дел од финалниот натпревар, тоа е очекувано ако се знае дека шет од седумтте натпревари ги играат на домашен терен. Ќе одлучат ситните детали. Веќе сме навикнати на тензијата, која постои од 1/4 финалниот дуел, но сега врвот на тензијата, изјави централниот дефанзивец.

Честа да го суди финалниот натпревар ја доби холандскиот арбитар Бјорн Кујперс кој е познат по тоа дека многу лесно покажува жолт картон, а често пати го покажува и црвениот картон.