Италијанците работат најдолго, најмлади пензионери се оние во Русија, Македонците се на средина

Статистика на европските пензиски фондови за тоа кога се завршува работниот стаж  

274

Според пензиските фондови, најдолго се работи во Италија, Грција, Норвешка, каде што границата за редовно пензионирање е 67 години, а најрано во пензија се заминува во Русија. Во земјите од Балканот, возраста на која може да се оствари пензија е слична и се движи околу 64-65 години. Кај нас, мажите се пензионираат на 64, жените на 62 години, со можност по желба да продолжат да работат до 64, како и мажите

 

 

Во секоја земја од Европа, возраста на пензионирање е различна и се движи  најмногу до 67, а најмалку до 56 години. Има разлика и во пензионирањето во однос на полот, па така во одредени земји е иста возраста на која се пензионираат и мажите и жените, а во други, пак, жените одат порано од мажите. Според пензиските фондови, најдолго се работи во Италија, Грција, Норвешка, каде што границата за редовно пензионирање е 67 години, а најрано во пензија се заминува во Русија.

Како што анализира МИА, во земјите од Балканот, возраста на која може да се оствари пензија е слична и се движи околу 64-65 години. Кај нас, мажите се пензионираат на 64, жените на 62 години, со можност по желба да продолжат да работат до 64, како и мажите. Исто така, треба да се поседуваат најмалку 15 години работен стаж. Ова е согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување донесен во 2000 година.

Податоците на европските пензиски фондови покажуваат дека Италијанците мора да работат најдолго. Условот и за мажите и за жените е 67 години и се потребни 20 години работен стаж за предвремено пензионирање. За целосна пензија во оваа земја, потребно е да имаат 63 години и три децении запишани во работната книшка или 36 години работа на опасни работни места.

Мажите и жените во Грција треба да работат до 67 години и да имаат најмалку 15 години стаж, исто како и Норвежаните. Но, во Грција остварувањето на право на пензија е можно и на 62 години и за мажите и за жените, но само доколку имаат над 40 години работен стаж. И во Норвешка старосната граница е 67 години, но може да се оди во пензија и по навршување 62 години ако се има поголем стаж.

Подолго се работи и во Холандија, каде што условите за пензионирање за мажите и за жените се до 66 години и седум месеци. Во Русија, во пензија се оди со 61 година и 6 месеци старост и 13 година пензиски стаж за мажите и 56 години и 6 месеци старост и 13 година стаж за жените. Исто така, можно е и предвремено пензионирање доколку имате поголем број години пензиски стаж.

Во земјите во регионот, возраста на која може да се оствари пензија е слична и се движи околу 64-65 години. Во Србија, на пример, годинава мажите ќе може да одат во пензија со 65-годишна возраст и најмалку 15 години стаж, а жените со навршени 63 години и четири месеци и, исто така, 15 години работен стаж. И едните и другите ќе може да одат во пензија со 45-годишен стаж без разлика на возраста. Очекуваниот животен век во Србија е 74,5 години.

Според податоците на „Евростат“, очекуваниот животен век се разликува во различни европски држави. Така, просекот во земјите на  ЕУ во 2020 година изнесувал 80,4 години, што е за 0,9 години пониско споредено со претходната 2019 година. Највисок очекуван животен век имаат жителите на Норвешка – 83,3, Исланд и Швајцарија – по 83,1 години. Италија има очекуван животен век од 82,3 години, додека најмал Бугарија – 73,6 години и Романија – 74,2 години.

– Во Македонија, просечниот животен век е 74,4 години, а во Грција – 81,4 години, потоа следуваат Хрватска – 77,8, Албанија – 77,4, Црна Гора – 75,9, Србија – 74,5 и Бугарија – 73,6 години – анализираат од „Евростат“.