Исчистени околу седум километри отворени одводни канали

44

Од почетокот на годината досега, во координација со АД „Водостопанство-Скопско поле“, ЈКП „Илинден” и граѓаните, исчистени се околу седум километри отворени одводни канали на територијата на општина Илинден.

Целта на активностите кои се во рамки на Акцискиот план за чистење на каналската мрежа на територија на Општина Илинден за 2023 година, Годишната програма на Општината и Годишната програма на „Водостопанство-Скопско поле“, е да се обезбеди проточност на каналската мрежа.

Според градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски, со редовното одржување на каналската мрежа се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина која е еден од условите за квалитетен живот на населението.

Токму поради тоа, како што вели тој, редовното чистење, нивелирање и одржување на отворените канали останува еден од приоритетите на Општината.

Согласно предвидената динамика, во тек е чистење на Сува Река на потег од аеродромот „Скопје“ кон централниот дел во Миладиновци. Исто така, од почетокот на годината беше исчистен ободниот канал од Кадино до Марино во должина од 2.500 метри.

Обврската за плаќање годишен воден надомест за редовното одржување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали во име на граѓаните Општина Илинден ја презема уште од 2010 година. Со оглед дека каналите се објекти од јавен интерес, според урбанистичките планови, на овие површини не смее да се изведуваат градби или да се вршат работи со кои се загрозува стабилноста на одбранбените насипи.