Министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава за две лица, осомничени дека го убиле Пинета Секондо, кој на 11 декември минатата година беше пријавен како исчезнат од страна на неговата мајка.

Единица за насилен криминал при СВР Скопје денеска до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Ф. А. (27) и А. Ѓ. (22), двајцата од Скопје, за сторено кривично дело „убиство“ предвидено и казниво по член 123 од КЗ на РСM, соопшти вечерва полицијата. Како што се појаснува, се работи за убиство на Пинета Секондо, кој на 11 декември 2018 година од страна на неговата мајка, бил пријавен за исчезнат во ПС при СВР Скопје.

На 29.04.2019 година во Единицата за известување и команда при СВР Скопје од страна на граѓанин пријавено е дека на место викано Башинец во атарот на село Љуботен пронајден е човечки скелет покриен со камења. По преземени оперативно тактички мерки дојдено е до сознание дека извршители се наведените лица, по што е добиена Наредба за претрес во дом и други простории од Основно јавно обвинителство Скопје и извршен е претрес во домовите на пријавените како и на уште две лица, роднини на првопријавениот. Во домот на првопријавениот пронајдени се СИМ картици, лични документи, мобилен телефон, УСБ, мемориска картица, една фантомка и возило Опел Аскона. По Ф.А. распишан е централен распис. На 30.05.2019 година второпријавената А.Ѓ. е лишена од слобода во просториите на СВР Скопје, се наведува во соопштението од МВР.