Возачот на КТМ, Бред Биндер, испиша историја во Мото ГП шампионатот, откако денеска славеше на трката за Големата награда на Чешка и ја запиша првата победа во кариерата.

Јужноафриканецот му го донесе на австрискиот тим првиот триумф од влегувањето во „кралската“ класа пред три и пол години, а во исто време се најде на највисокото место на подиумот во најсилната категорија. Второто место го зазеде Франко Морбидели на Петронас Јамаха, кој стигна до првиот подиум во кариерата, додека трет беше возачот на Авинтија, Жоан Зарко.

На чело на колоната Биндер изби на девет круга до крајот на трката, откако го мина Морбидели, а потоа не го испушти до самиот финиш.

Минатогодишните најблиски конкуренти на Марк Маркез во борбата за титулата, Андреа Довициозо и Маверик Вињалес, имаа трка за заборав. Возачот на Дукати заврши дури на 11-то место, три позиции пред Шпанецот.

Инаку, Маркез, кој е актуелен шампион го пропушти Гран-прито на Чешка поради новата операција на горниот дел на рацката, повреда со која се здоби на првата трка сезонава во Херес.

По три трки, Квартараро има 59 бода и е на врвот во генералниот пласман, Вињалес е втор со 42, додека  Морбидели и Довициозо го делат третото место со по 31 бод.

Овогодинешниот шампионат во Мото ГП продолжува следниот викенд со австриското Гран При на патеката „Ред Бул Ринг“.